Цените на нафтата растат поради случувањата во Флорида и Блискиот Исток

112

Цените на нафтата пораснаа во азиското тргување денеска. Тие беа поттикнати од зголемената побарувачка во светло на подготовките за ураганот Милтон, кој го погоди брегот на Флорида непосредно пред 3 часот по полноќ, како и загриженоста за ограничувањата во снабдувањето поради зголемените тензии меѓу Израел и Иран.
Нафтата „West Texas Intermediate“ за испорака во ноември на азиското тргување достигна вредност од 73,87 долари за барел, што е раст од 63 центи во пладневното тргување. Декемвриските фјучерси на нафтата Брент пораснаа за 63 центи на 77,21 долар, пренесува новинската агенција Ројтерс.

Милтон го погоди брегот на Флорида како ураган од трета категорија со ветрови нешто повеќе од 125 милји на час. Околу пет милиони луѓе се евакуирани од загрозените области на централна Флорида, а некои се засолниле во засолништа, каде што ќе останат до крајот на невремето. Надлежните очекуваат бранови со висина од околу четири метри, силен ветер, поплави и големи материјални штети.

Мексиканскиот Залив е важен за испораките на нафта, како и Блискиот Исток, каде што растат тензиите меѓу Израел и Иран, главен производител на црно злато. Во средата, американскиот претседател Џо Бајден имаше телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за прв пат по речиси два месеци. Содржината на разговорот сè уште не е официјално позната, но според пишувањата на медиумите, одговорот на Израел на иранскиот ракетен напад треба да биде во преден план.