
Просечната цена на земјоделските производи во Европската Унија (ЕУ) се зголеми за 2,6 проценти во првиот квартал од оваа година, што е втор квартал по ред со зголемување на цените, според Евростат, статистичката служба на ЕУ. Во истиот период минатата година, цените се намалија за шест проценти на годишна основа.
Растот е забележан и кај просечната цена на стоките и услугите што се користат во земјоделството, а кои не се поврзани со инвестиции. Тие вклучуваат енергија, ѓубрива и храна за животни. Сепак, тој раст не беше голем и изнесуваше само 0,2 проценти, но тоа беше прво зголемување на просечната цена на земјоделските инпути од првиот квартал од 2023 година. Секако, зголемувањето на цената на земјоделските инпути може да влијае на производството, односно на падот на производството и на зголемувањето на цените на земјоделските производи.
Имаше остар пад на цените на маслиновото масло, за 43,5 проценти и компирите, за 13,4 проценти.
Во исто време, меѓу инпутите што не се поврзани со инвестиции, ветеринарните трошоци пораснаа најмногу, за три проценти. Цените на ѓубривата, исто така, умерено пораснаа, за 0,9 проценти, и енергијата и лубрикантите, за 0,7 проценти.
Зголемувањето на цените на земјоделските производи во првиот квартал од 2025 година е забележано на годишна основа во 23 земји од ЕУ. Највисоки стапки се забележани во Ирска, каде што цените се зголемија за 19,3 проценти. На второ место е Луксембург со зголемување на цените од 15,6 проценти, а на трето место е Унгарија со 14,6 проценти. Од друга страна, најголем пад на цените е забележан во Шпанија, за 9,7 проценти. Следат Грција со 7,1 процент, Португалија со 2,8 проценти и Малта со два проценти.
Во однос на инпутите кои не се поврзани со инвестиции, 14 земји забележале зголемување на цените во првиот квартал од 2025 година во споредба со првиот квартал од минатата година. Највисоки стапки на раст се забележани во Унгарија, за 6,8 проценти, Холандија, за 6,2 проценти и Романија, за 5,8 проценти. Спротивно на тоа, највисоки стапки на пад на цените забележале Литванија, за пет проценти, Кипар, за 3,8 проценти и Латвија, за 3,6 проценти, соопштија статистичарите.
Фото: Pixabay











