Централната банка на Турција ја задржа основната каматна стапка на исто ниво

82

Централната банка на Република Турција (TCMB) ја остави основната каматна стапка непроменета на 50 отсто осми месец по ред, во согласност со очекувањата на аналитичарите. Оваа стапка е и највисока од 2002 година.

Турската централна банка истакна дека основниот инфлациски тренд покажа знаци на подобрување во октомври. Домашната побарувачка, исто така, продолжи да паѓа во претходниот квартал, достигнувајќи нивоа што ја поддржуваат дезинфлацијата.

Инфлацијата на непреработената храна остана висока во октомври, објави Еуроњуз, главно поради условите за снабдување за кои се верува дека се привремени. Порасна и инфлацијата во услужниот сектор во октомври. Сепак, базичната инфлација остана ниска.

Инфлациските очекувања, исто така, стануваат пооптимистички, што ги наведува инвеститорите да веруваат дека централната банка наскоро може да размисли за намалување на каматните стапки.

„Определувањето на затегнат монетарен пристап ќе го намали основниот тренд на месечна инфлација преку ублажување на домашната побарувачка, реална апрецијација на турската лира и подобрување на инфлациските очекувања. За овој процес значително ќе придонесе и зголемената координација на фискалната политика. Следствено, процесот на дезинфлација ќе добие на сила“, се наведува во соопштението на официјалната веб-страница на оваа банка.

Централната банка, исто така, нагласи дека ќе ја задржи оваа цврста монетарна позиција се додека не се забележи значително намалување на месечната инфлација во текот на неколку месеци и инфлацијата не се стави под контрола.

После тоа, тие најверојатно ќе ја приспособат монетарната политика за да обезбедат продолжување на процесот на дезинфлација, притоа земајќи ги предвид ризиците поврзани со инфлацијата.

Централната банка на Турција, исто така, очекува годишната инфлација да биде меѓу 21 и 26 отсто на крајот на следната година, додека таа треба да падне меѓу 12 и 17 отсто на крајот на следната година. Пазарните учесници очекуваат и инфлација од околу 26,2 отсто до крајот на 2025 година, што дополнително ги поддржува оптимистичките очекувања за инфлација.

Турција веќе неколку месеци се бори со зголемената инфлација и брзото зголемување на каматните стапки, што доведе до „прегревање“ на економијата. Ова се случи откако централната банка агресивно ги намали каматните стапки, следејќи ги упатствата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Во тоа време, Ердоган мислеше дека повисоките каматни стапки доведуваат до повисока инфлација и силно ја поддржа значително полабавата монетарна политика. Оваа теорија веќе беше критикувана од економисти и централни банки ширум светот.

Иако оттогаш централната банка го промени својот став и почна да ги зголемува каматните стапки, економијата на земјата веќе претрпе сериозни последици, што доведе до пад на лирата. Значително се зголемија и цените на киријата и храната. Заклучно со октомври 2024 година, инфлацијата во Турција беше 48,6 отсто.