Чадеж: Слободниот пазар на труд ќе биде исклучително важен за нашата земја

34

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, денеска изјави дека воспоставувањето слободен пазар на труд, кој ќе започне на први март во земјите на Отворениот Балкан – Србија, Северна Македонија и Албанија, ќе биде „исклучително важен за  земјата поради претстојната земјоделска сезона“.

Чадеж истакна дека, според податоците од истражувањето, повеќе од половина од компаниите во Србија и Северна Македонија имаат проблем со работната сила. Тој истакна дека потпишувањето на договорот е од особено значење поради претстојната земјоделска сезона во Србија и туристичката сезона во Албанија.

„Студентите ќе можат да работат во текот на летото на море и да заработат пари“, рече Чадеж.

Тој особено им се заблагодари на лидерите на земјите од Отворениот Балкан за нивните напори.

„Многу квалификувана работна сила оди на другите пазари на труд во ЕУ. Сега тие ќе имаат можност да останат во регионот, што создава циркуларна миграција“, посочува тој.

Во Скопје вчера, како дел од иницијативата Отворен Балкан, беа потпишани два протокола кои ќе овозможат воспоставување слободен пазар на труд за земјите од Отворениот Балкан – Србија, Северна Македонија и Албанија.

Потпишани се Протоколот за спроведување на договорот за условите за слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан и Протоколот за поврзување на шемата за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.

Договорите во име на Србија ги потпишаа државниот секретар во министерството за финансии Гојко Станивуковиќ и претставници на соодветните министерства во име на Албанија и Северна Македонија.