Chest Airlines – авио такси во Босна и Херцеговина

71

Cessna177RG

Младиот пилот од Норвешка, Ник де Борст, веќе неколку месеци во Босна и Херцеговина нуди можност за авио такси, односно авионски превоз на патници низ целата земја и во земјите од окружувањето, пишува Акта.ба.

Оваа чартер авиокомпанија, којашто го носи името Chest Airlines, им овозможува на луѓето да патуваат низ цела БиХ, Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија и други земји од окружувањето.

“Поради лошите патишта и високите планини, патувањата со автомобил, посебно за деловните луѓе, не е најсоодветниот избор за да се стигне навреме на посакуваната дестинација. Поради тоа, сфатив дека најдобар и најбрз начин за патување е со авион. Патувањето со автомобил од Тузла до Сараево трае околу два часа, а со авион само 30 минути“, објаснува Борст.

Неговата цел, како што наведува, е да овозможи исплатливо патување, помага во организирање на времето, а притоа е удобно и не е скапо.

Chest Airlines им помага на корисниците по своја желба и потреба да резервираат и закажат лет во термин кога ним им одговара. Летовите може да резервираат преку интернет или телефон.

Освен како авио такси, компанијата нуди и панорамско летање над БиХ. Овие летови вообичаено траат од половина до еден час.

Засега во компанијата има двајца вработени и неколку надворешни соработници кои се задолжени за аеродромските работи. Chest Airlines во својата флота засега има само еден авион – Cessna 177 RG, којшто е одличен за овој вид на услуги бидејќи може да превезува до тројца патници.