Четири најчести причини за нефункционален тим

76

tim

Фото: Pexels

Да се создаде тим што одлично ќе функционира воопшто не е лесно. Секој човек е приказна за себе и затоа потребна е напорна работа да се дојде до посакуваниот резултат.

Во продолжение четири најчести грешки што се прават во тимот.

Негрижа за индивидуалноста

Во еден успешен тим секој член треба да е свесен за потребите на останатите и да дозволи другите да работат на начинот што им е најпријатен, сè додека продуктивноста не изостанува. Ако само слепо се водиме од нашата цел и мислиме во прво лице еднина, никогаш нема да можеме да функционираме во тим. Секој човек е посебна индивидуа и доколку тоа не им стане јасно на сите, проблемите во тимот ќе се накалемуваат.

Лошо лидерство

Ако лидерот на тимот не умее да комуницира со останатите членови, ја доведува во прашање својата ефективност. Лидерот мора добро да ги знае сите во тимот, а најдобар начин за тоа е искрена и континуирана комуникација со секој. Секако, лидерот треба да дава дополнителна мотивација во тимот, но на начин што сите ќе го разберат и прифатат. Не треба никогаш да се води од своето его, односно од функцијата која му/и е доделена. Тим лидерот мора одговорно да ја оправда својата позиција, да ги води останатите, но истовремено и да биде едно со нив.

Нејасна поделба на одговорностите

Најчесто конфликтите во тимот доаѓаат поради нејасната поделба на обврските, односно улогите. Секој член мора добро да ги знае своите одговорности и да се согласи со истите, но и да има увид во тоа што работат останатите. Во спротивно, порано или подоцна ќе дојде до недоразбирање кога ќе се појави некоја нова задача или модификација на обврските. За да не дојде до тоа треба да постои документ во којшто ќе биде јасно наведена задачата на секој. Во менувањето на одговорностите треба да биде вклучен целиот тим, без разлика дали промената ги опфаќа сите. Функционалност може да се постигне кога работите не се држат во тајност и улогите се строго определени.

Незаинтересираност за работата на останатите

Тимската работа подразбира меѓусебна поддршка и работење за остварување на една заедничка цел. Секој треба да има одредена улога и одговорност, но треба и несебично да помогне кога некој член од тимот ќе побара помош. Така ќе се создаде неопходната поврзаност што го чини тимот успешен и ефикасен. Секогаш се добродојдени нови, креативни идеи што можат некому да помогнат со цел да се заврши работата онака како што треба и во предвидениот рок. Клучно за ова е отворената комуникација и запознаеноста со одговорностите на останатите.