Четврто издание на МЕФ Енергетски Форум 2021

113

Највисоки претставници на власта, високи функционери од странство, амбасадори, експерти, претставници од енергетските компании – ЗИП Институтот ги собира најважните играчи во полето на енергетиката на четвртото издание на МЕФ Енергетски Форум 2021, што ќе се одржи на 13 и 14 септември во Скопје.

Оваа година темите ги опфаќаат клучните предизвици на секторот енергетика не само за македонската држава, туку и за регионот и целиот континент, кои се однесуваат на Зелената агенда, екологијата и заштитата на животната средина.

Колку земјите од Западен Балкан можат да се вклучат во спроведувањето на Зелениот договор на ЕУ, како да се фокусираат на нивните недоволно искористени обновливи извори на енергија, како да се реализира енергетската транзиција кон чиста енергија, кои се компаниите – шампиони во зелената агенда, природниот гас како преодно гориво кон имплементација на Зелениот договор, која е улогата на локалните власти и самите општини во справувањето со климатските предизвици, што е потребно за вистинска поддршка на обновливите извори на енергија, зелени финансии и достапни инструменти за финансирање – на сите овие прашања ќе дебатираат претставници од домашната и меѓународна енергетска сцена.

Годинава, според агендата, предвидени гости на домаќинот, претседателот на ЗИП Институтот, г. Агим Селами се: премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, заменикот помошник асистент Курт Донели, шефот на одделот за соседска политика и меѓународни односи во Европската Комисија, Флоријан Емакора, министерот за економија, Крешник Бетеши, министерот за животна средина Насер Нуреднини, Дукаѓин Липа, Хиперлуп глобален амбасадор и основач на “Sunny Hill Festival” (Music Industry Going Green), професорот Томас Гарбе, кој доаѓа од Фолксфаген, државниот секретар во министерството за енергетика на Србија, Зоран Лакичевиќ, заменикот-министер за енергетика на Албанија, Илир Бејтја и многу други експерти и претставници на релевантни компании.

МЕФ Енергетски Форум започна во 2018 година како иницијатива за дијалог помеѓу Северна Македонија и САД во областа на енергетиката.

Организирањето на МЕФ Енергетски Форум е во духот на стратегијата за поттикнување на дијалог, како суштински дел од процесот за европеизација на општеството. Придобивките од Форумот, во форма на заклучоци, предлози и препораки, се пренесуваат и до јавноста и до сите релевантни, надлежни и заинтересирани субјекти во сферата на енергетиката.