Чии депозити се осигурени во Фондот за осигурување на депозити?

200

Поради новонастанатата ситуација со стечајот на Еуростандард банка, добро е да се знае чии депозити се осигурени во рамки на Фондот за осигурување на депозити.

Осигурени се депозитите на домашни и странски физички лица, кои се депонирани во банки, филијали на странски банки и штедилници во Република Северна Македонија. Депозитите се задолжително осигурени доколку се депонирани во банки и штедилници кои имаат одобрение за прибирање депозити од Народна банка на Република Северна Македонија.

Банките, филијалите на странски банки и штедилници основани во Република Северна Македонија се должни во Фондот да ги осигурат депозитите на население, во кои спаѓаат:

  • денарските и девизните депозити
  • сертификатите за депозит
  • трансакциските сметки
  • депозитите врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица.

Фондот за осигурување на депозити во случај на настанување на ризичен настан врши обесштетување до 30.000 евра во денарска противвредност по депонент, во банка, филијала на странска банка или штедилница во согласност со одредбите од законот.

Во износот до 30.000 евра предмет на обештетување се и главницата и каматата на сите депозити на кои е имател едно лице депонент во банка на денот на настанување на ризичниот настан.

Единствен услов за обесштетување е физичкото лице да се идентификува во согласност со Правилникот за начинот и постапката на обесштетување на депонентите во случај на настанување на ризичен настан. Физичките лица депоненти имаат обврска редовно да ги ажурираат своите лични податоци во банката, филијалата на странска банка или штедилницата.

Сите банки, филијали на странски банки и штедилници во Република Северна Македонија се членки на Фондот за осигурување на депозити и имаат обврска да плаќаат премија за осигурување на депозитите на физичките лица.

Од друга страна, Фондот не ги обесштетува следните депозити:

  • Депозити на депоненти на кои им биле дадени привилегирани каматни услови, различни од оние објавени во банката, филијалата на странската банка или штедилницата;
  • Депозити на депоненти сопственици на над 5% од акциите со право на управување со банката, филијалата на странската банка или штедилницата;
  • Депозити на членови на органите на управување на банката, филијалата на странската банка или штедилницата;
  • Депозити на роднини од прв степен на лицата од точките 2 и 3, сопруг(а) и деца;
  • Депозити кои се врзани со трансакции со кои се вршело перење пари доколку прекршителот е осудуван и казната е во сила.

Во случај кога депонентот има обврски кон банката или штедилницата, вкупниот износ на депозитот на депонентот се намалува за износот на обврските на депонентот кон банката, филијалата на странската банка или штедилницата.

Во случај на заеднички депозит се смета дека деловите на вложувачите се еднакви ако поинаку во договорот не е определено.

Фото: Freepik