Членките на ЕУ имаат план за Медитеранот

63

Официјални лица на деветте земји-членки на Европската унија од јужна Европа денеска најавија дека сакаат медитеранскиот регион да го претворат во центар за производство на еколошка зелена енергија.

Министрите за енергетика на Кипар, Словенија и Малта, хрватскиот министер за економија, како и претставници од Грција, Италија, Франција, Португалија и Шпанија во заедничка изјава рекоа дека работат на започнување колективни прекугранични проекти за обновлива енергија во регионот, без бирократски пречки кои потенцијално би можеле да ги одвратат инвеститорите, пренесува АП.

Тие ја повикаа Европската комисија да започне нова студија за потенцијалот на обновливите извори на енергија во медитеранскиот регион и да предложи конкретни мерки за поддршка на нови проекти за зелена енергија.

Генералниот директор на шпанската агенција за енергетика, Жоан Грозар, рече дека медитеранските земји „може и мора да бидат во првите редови на енергетската транзиција“, бидејќи тие се најранливи на климатските промени.

Грчкиот амбасадор во Кипар Јоанис Папамелетиу изјави дека Егејското Море има голем потенцијал за користење на енергијата на ветерот и додаде дека има „голем простор за соработка и размена на најдобри практики“.

Клучен предизвик за користење на морските капацитети за производство на енергија од ветер и сончева енергија е нивна интеграција во постојните копнени електроенергетски мрежи и интерконекции за пренос во други земји.