
Центарот за заштита на потрошувачите во Хамбург го обвини производителот „Монделез“ дека ја намалил тежината на одредени чоколади „Милкa“ без соодветно да ги извести потрошувачите, што доведе до тужба поради наводни измамнички деловни практики.
Според организацијата, чоколадите од брендот Милка, со непроменет дизајн и пакување, станале полесни – од околу 100 на 90 грама, додека малопродажната цена истовремено се зголемила од 1,49 на 1,99 евра, објави „Шпигел“.
Случајот го разгледува Регионалниот суд во Бремен, од кој се очекува да донесе одлука за спорот.
За време на првичното рочиште, судот процени дека случајот може да биде пример за лажно пакување.
Хамбуршкиот потрошувачки центар тврди дека станува збор за практика позната како „шринкфлација“, односно намалување на количината на производот, а одржување на истата или повисока цена, што ги доведува во заблуда потрошувачите бидејќи визуелниот идентитет на производот останува непроменет.
Компанијата „Монделез“ ги отфрла обвинувањата и наведува дека новата тежина е јасно означена на пакувањето, како и дека потрошувачите биле информирани за промените преку официјалната веб-страница и социјалните мрежи.
Компанијата како причина ги наведува зголемените трошоци во синџирот на снабдување, вклучително и повисоките цени на суровините.
Во последните неколку години, чоколадото стана значително поскапо на европскиот пазар поради проблемите во производството на какао во Западна Африка, каде што неповолните временски услови и растителните болести ги намалија приносите.
Според податоците од статистичките институции, цената на чоколадото е во просек значително повисока отколку во 2020 година, што влијаеше и на навиките на потрошувачите.












