Човечкото тело не е дизајнирано со часови да седи “заковано“ на стол и да зјапа во една точка

463
Игор Довезенски, мајстор за класични јапонски боречки вештини и нинџутсу мајстор 8 дан

Човечкото тело воопшто не е дизајнирано со часови да седи на стол во “прекршена положба“ и да зјапа во една точка (монитор), потенцира Игор Довезенски, мајстор за класични јапонски боречки вештини и нинџутсу мајстор 8 дан, во интервју за Бизнис Инфо. Тој смета дека сите компании или институции каде што вработените поминуваат долго “приковани“ за стол и маса, имаат огромна потреба да им овозможат на своите работници вежбање при што ќе им се даде шанса да си ја повратат рамнотежата во мускулите.

БИ: Што претставува Шиноби Таисо системот и од каде идејата за негово формирање?

Шиноби Таисо е систем во којшто се инкорпорирани неколку древни јапонски традиции кои имале за цел да го подобрат односно да го одржат здравјето преку разни видови на вежби за растегнување и зајакнување на мускулите. Секако, неизбежно е да се спомене дека источните народи подеднакво го негуваат и одржуваат и духот, така што станува збор за дисциплини кои се стремат да постигнат обединување на духот и на телото, а со тоа и усовршување на поединецот во секој поглед. Шиноби Таисо се состои од неколку традиционални методи кои се употребувале од страна на јапонските средновековни воини, денес познати под имињата Самураи и Нинџи. Целта на техниките била да го подготват телото за да може да ги издржи исцрпувачките борби на бојните полиња, да се одржи борбената готовност потребна за извршување на тешките задачи, но и да се поврати здравјето доколку се наруши поради некоја причина. Токму тие традиционални техники поделени во три нивоа го сочинуваат системот Шиноби Таисо. Ќе се обидам накратко да Ви ги опишам традициите поединечно.

Првото ниво на Шиноби Таисо се вика Џунан Таисо. Тоа е стара традиција која потекнува од 12-тиот век и која е запишана во стар свиток познат под името Аматсу Татара. Најлесно би се објаснила доколку се спореди со индиската јога. Станува збор за разни техники за растегнување на мускулите во телото кои имаат за цел да го корегираат мускулниот дебаланс настанат поради неправилните животни навики или поради неправилното држење на телото, а поврзано со професиите и обврските кои секојдневно ги извршуваме.

Второто ниво се вика Џунан Ундо. Тука се собрани разни вежби кои имаат за цел да ги зајакнат мускулите во човечкото тело односно да ја подобрат физичката кондиција. Можат да бидат изометрични односно статични, или пак, аеробни или вежби со отпор, при што најчесто се користи тежината на сопственото тело, така што не се потребни никакви справи при вежбањето.

Третото ниво – Ки Ундо, има за цел да го зајакне духот односно да го смири умот преку разни видови на медитација, техники на дишење, но истовремено да го подобри здравјето преку правилна исхрана и ментална хигиена.

Идејата подлабоко да навлезам и да ги истражувам овие стари методи, кои инаку се составен дел од борбените школи кои ги вежбам речиси триесет години, се роди за време на моето долгогодишно практикување традиционални јапонски боречки вештини, кога почнав да забележувам дека некои техники (зафати) не функционираат најдобро кај одреден тип на луѓе. Уште тогаш ми стана јасно дека секој поединец поседува уникатна градба на телото и дека треба да се има различен пристап при кондиционирањето кај различните типови. Меѓутоа, стравот дека ќе морам да престанам да се занимавам со боречки вештини беше пресуден подлабоко да навлезам во изучувањето на овие техники. Да бидам попрецизен. Во 2011 година доживеав незгода, по што рентгенските снимки покажаа големи оштетувања на долните пршлени на ’рбетот, како и на карлицата. Стручните лица веднаш ми соопштија дека морам под итно да ги прекинам сите тешки физички активности, бидејќи во спротивно нивните лоши прогнози за мојата иднина можат да се остварат за многу кратко време. Незадоволен од ваквиот одговор, уште повеќе почнав да ги истражувам традиционалните техники за зголемување на подвижноста на телото, но и да ги следам најновите научни сознанија од полето на кондицискиот тренинг, како и изучувањето на човечката анатомија и биомеханиката (наука што ги проучува механичките појави и процеси во живите организми). Токму така се роди Шиноби Таисо.

16640957_1322404627822317_6090482645615088361_n

БИ: Планирате на компаниите да им понудите програма за 45-минутни вежби за растегнување и намалување на болките предизвикани од долготрајно седење или стоење. За што точно станува збор?

Оваа идеја најпрвин ја спроведов во Институцијата каде што и самиот работам. На 14 септември, 2015 година, поднесов краток елаборат до Стручниот совет на Институтот за етнологија и антропологија, при што членовите на колегиумот едногласно го одобрија проектот за отворање на “Лабораторија за Источни Култури“. Беше предвидено во Лабораторијата секојдневно да се одржуваат часови за Џунан Таисо за вработените на Природно-математичкиот факултет, со цел да се одржува нивното здравје, но и да се елиминираат односно олеснат болките на професорите и на останатиот персонал, а предизвикани поради нивната долготрајна седечка работа пред компјутерите. Веќе следниот ден, часовите по Џунан Таисо во траење од 45 минути почнаа да се одржуваат и до сега не се случило да се одложат ниту еден ден.

За време на часот, најпрвин започнуваме со истегнување на мускулите на горниот или на долниот дел од телото, а потоа во лежечка положба изведуваме вежби за корекција на карлицата. Секој час завршува со вежби за дишење или кратка медитација, по што вработените во Институцијата свежи, одморени и пред се насмеани, се враќаат на своето работно место и продолжуваат поквалитетно да ги извршуваат своите работни задачи.

БИ: На кој начин можат овие вежби да им помогнат на вработените, но и на компаниите?

Јас ќе Ви поставам друго прашање. Кажете ми колку пати сте слушнале од Вашите пријатели дека се преморени од работата и дека одлично би им дошол еден краток одмор? Или дали постои човек што досега не се пожалил дека после долго време поминато во работа, не чувствува болки во долниот дел на грбот или во вратот и рамениците? Да речеме дека работното време трае осум саати. Дали мислите дека постои човек што ќе ги изработи сите осум саати, без да направи неколку мали паузи, барем да ѕирне во телефонот или да залута некаде со мислите?

Доколку компаниите им дозволат на вработените да направат на средината на работното време мала пауза од 45 минути, која ќе биде искористена за вежби кои ќе ги ослободат од болките во телото, јас Ве уверувам дека продуктивноста кај работниците ќе се зголеми. Да не зборуваме за љубовта и приврзаноста кон самата компанија која им овозможила ваков “луксуз“. Наместо компанијата да ги плаќа нивните отсуства настанати поради боледување односно физикални терапии, полесно ќе биде да им овозможи еден 45-минутен термин за релаксација на телото и на духот. Здравите и среќни работници, наместо со неволност да доаѓаат на своето работно место, тие едвај ќе чекаат да се подружат со пријателите од колективот во просторијата каде што во една крајно позитивна и опуштена атмосфера ќе вежбаат заедно. Вежбите за медитација, ќе го смират умот и ќе ја зголемат концентрацијата, а тивката релаксирачка музика која во позадина лебди за време на тренингот, ќе допринесе да се зголеми енергијата и волјата за работа уште повеќе.

Придобивките можат да бидат огромни, како за вработените, така и за менаџментот на компанијата. Да не споменуваме за добриот имиџ кој се стекнува набрзина, кога ќе се расчуеа наоколу дека во “некоја си компанија“ вработените вежбаат јапонска јога на сред работно време. Добрите компании во светот одамна се грижат за здравјето на своите вработени, а истовремено за кандидатите кои аплицираат за вработување во истите преставува престиж да конкурираат во нив.

16682032_1322405947822185_5452854492886229234_n

БИ: Дали вежбите бараат посебни услови во компаниите и точно утврдено време кога треба да се практикуваат?

Потребни се многу мали услови што секоја добра компанија може лесно да ги обезбеди. Една поголема просторија прекриена со душеци – и тоа е се. Се разбира, останатото е оставено на обучениот инструктор кој ќе се погрижи за сите други “детали“. Вработените се пресоблекуваат во лесна облека без патенти и копчиња (тренерки, хеланки и маички), а за изведување на вежбите не се потребни никакви реквизити. Се користи само сопственото тело кое ќе ги следи движењата на инструкторот. Што се однесува до времето, тоа може да биде договорено со менаџментот. Во основа, не треба да биде веднаш по појадокот, бидејќи вежбите за растегнување не се изведуваат со полн стомак. Во институцијата каде што јас ги одржувам часовите за Шиноби Таисо, почнуваме во 13:00 и завршуваме во 13:45 часот.

БИ: Дали имате доволно обучени луѓе кои би можеле да ги изведуваат овие вежби?  

За жал немаме доволно, бидејќи условите засега се доста строги. Сите кандидати за инструктори најпрвин мораат да поминат задолжителна обука од областа на класичните јапонски боречки вештини и да стигнат најмалку до 5 кју (степен во боречките вештини). Дури потоа можат да ги посетуваат курсевите за Шиноби Таисо, по што следува докажување преку изведување практична настава под надзор на лиценциран инструктор кој ја следи работата на кандидатот. Дури потоа, откако ќе се процени дека некој е подготвен за изведување настава, му се одобрува тоа преку издавање лиценца. Засега, во Скопје односно во цела Македонија, има само двајца обучени односно лиценцирани инструктори за Шиноби Таисо, а тоа се господата Владимир Антовски и Таки Гаковски. Наскоро се очекува уште двајца целосно да ја завршат инструкторската обука.

16508704_1322404484488998_125704624385209813_n

БИ: Кои видови на компании и вработени очекувате да бидат најмногу заинтересирани за овие вежби?

Јас досега најмногу сум помагал на луѓе кои работат во информатичкиот сектор. Речиси сите од нив имаат болки во долниот или во горниот дел на грбот, потоа во рамениците, вратот, лактовите или во зглобовите на дланките. И за сето тоа виновна е таканаречената “седечка работа“. Човечкото тело воопшто не е дизајнирано со часови да седи на стол во “прекршена положба“ и да зјапа во една точка (монитор). Напротив. Еволуциските промени се случиле поради процесите на движење и потребата за храна, која сите знаеме на каков начин се обезбедува. Со непрекинато движење!

Мислам дека сите компании или институции каде што вработените поминуваат долго “приковани“ за стол и маса, имаат огромна потреба (според мене и обврска) да им овозможат на своите работници вежбање при што ќе им се даде шанса да си ја повратат рамнотежата во мускулите. На тој начин болките ќе се намалат или потполно ќе исчезнат, а времето на повторување на истите ќе се зголеми односно ќе се намали зачестеноста на “укочувањата“ во одредени делови на телото.

БИ: Долги години се занимавате со јапонски традиционални боречки вештини. Какво е вашето искуство со нив во поглед на физичкото и менталното здравје?

Според некои прогнози, јас досега веќе требаше да се движам со инвалидски помагала. Но, еве сум тука пред Вас и како што гледате одам исправено и ги извршувам сите работни обврски без никакви проблеми. Туку што наполнив 43 години, а сè уште можам да правам вежби и движења кои се недостижни дури и за тие кои се дупло помлади од мене. Секој ден имам по неколку тренинзи, при што на дел од нив предавам, а на другиот дел и самиот учествувам. Со моите соборци од клубот изведуваме подвизи кои за многумина се недостижни, како што се долги маратонски пешачења во “еден здив“ при што без престан изодуваме од 50 до 100 километри по ридско – планински терени. За тоа е потребна одлична психофизичка подготовка, а јас не правам ништо дополнително освен што редовно ги практикувам вежбите од Шиноби Таисо.