Chrysler ќе повлече 2,7 милиони постари модели на џипови поради ризикот од запалување на резервоарот за гориво, по барање на регулаторното тело на Владата на САД. Иако претходно се противеше на барањето на регулаторите, од компанијата изјавија дека се решени несогласувањата со Државната агенција за безбедност во сообраќајот. Повлечени ќе бидат Jeep Grand Cherokee од 1993 до 2004 година и Jeep Liberty од 2002 до 2007 година.
Chrysler тврди дека возилата не се неисправни, но дека за нив најважна е безбедноста. Од компанијата велат дека возилата ќе ги прегледаат нивни луѓе и доколку има потреба, ќе направат измени.
Американската агенција за безбедност во сообраќајот побара од Chrysler да ги повлече овие два модели поради лошо поставениот резервоар, кој при удар во задниот дел од возилото останува незаштитен, па лесно може да дојде до истекување на горивото и пожар. Од Агенцијата сметаат дека поставувањето на резервоарот над осовината и неговата висина над патот е грешка во дизајнот.