Credit Suisse укинува работни места во Кина

40

Швајцарската групација Credit Suisse ќе укине најмалку една третина од работните места во својот сектор за инвестициско банкарство во Кина, а околу 40 отсто од вработените од истражувачкиот сектор исто така ќе бидат отпуштени. Одлуката доаѓа само два месеци откако швајцарскиот заемодавач се согласи да потроши 160 милиони долари за да преземе целосна контрола врз својот бизнис со хартии од вредност во втората по големина економија во светот.

По серијата отпуштања во регионот претходно во ноември, заемодавачот со седиште во Цирих оваа недела ќе укине 25 работни места во својот оддел за инвестиции и 10 во својот истражувачки сектор во Кина, според изворите, кои зборуваа под услов да останат анонимни, бидејќи податоците сè уште не се јавни.

Одлуката доаѓа како дел од планот на Credit Suisse да отпушти 2.700 вработени во своите канцеларии ширум светот во четвртиот квартал.

Големиот круг отпуштања на заемодавачот во Кина доаѓа во незгодно време за фирмата, која исто така бара одобрение за стопроцентна сопственост на нејзиниот бизнис со хартии од вредност во земјата додека се обидува да се справи и со егзодусот на таленти и со глобалната криза.

Заемодавачот сè уште чека конечно одобрување за проширување на своите операции во Кина, иако поминаа повеќе од две години откако доби мнозинска сопственост на овој дел од бизнисот.

Со отпуштањата, групата го завршува циклусот на вработување што започна пред две години. Тогаш поранешниот управен директор на Credit Suisse, Томас Готштајн  вети дека ќе го зголеми бројот на вработени во Кина во рок од три години тројно, со што укажа на амбициите на групацијата да го зголеми уделот на пазарот.

Регулаторните мерки на Кина и политиката на нулта толеранција за вирусот Ковид-19 доведоа до речиси 90 отсто пад на продажбата на акции во странство. Меѓународното портфолио на Кина годинава, за прв пат по повеќе од две децении, забележа загуби, проценети на повеќе од 100 милијарди долари според пресметките на Морган Стенли. Во периодот од 2020 до 2021 година е забележан прилив од 200 милијарди долари.

Швајцарскиот заемодавач е подложен на сеопфатен преглед на своето работење, барајќи да ги намали трошоците за 2,5 милијарди франци (2,5 милијарди долари) и да укине 9.000 работни места до 2025 година, за да ги намали загубите предизвикани од серија скандали и погрешни чекори на менаџментот.