
Во првите четири месеци од оваа година во Црна Гора се регистрирани околу 363 илјади туристи, што е за 3,4 проценти повеќе во споредба со референтниот период од претходната година, а што се однесува до бројот на ноќевања, регистриран е пад од девет проценти.
Ова го изјави Оливера Благојевиќ од Министерството за туризам, гостувајќи во утринската програма на подгоричката телевизија „Адрија“, истакнувајќи дека предсезоната обично се карактеризира со пократок престој на гостите, додека празничниот туризам во главната сезона се карактеризира со подолг престој, една недела или дури две недели.
„Што се однесува до статистичките податоци, постојат бројни дилеми. На аеродромите бележиме зголемување од 1,5 проценти на бројот на патници во споредба со претходната година, а бележиме и значително поголем број на преминувања кога станува збор за граничните премини – во април оваа година, во споредба со април минатата година, е регистрирано зголемување од десет проценти. Дополнително, кога станува збор за националните паркови, бележиме значително поголем број посетители, дури 44 проценти во споредба со референтниот период од претходната година“, рече таа.