Црна Гора планира да заработи 4,5 милиони евра од продажба на вишокот наоружување и опрема, а на военото воздухопловство ќе му останат само хеликоптери, пишува Вијести.
Добиените пари од продажбата на имотот ќе може да се користат исклучиво за модернизација на вооружените сили и за финансирање на реализацијата на партнерските цели и опремување на војската во рамките на НАТО стандардите.
Претходно истиот весник пишуваше дека црногорското Министерство за одбрана во текот на 2013 планира да ги продаде и последните четири борбени авиони што ги наследи од југословенската војска. Наскоро се чека и официјална одлука на Владата со која и преостанатите четири авиони супергалеб (Г4) ќе бидат прогласени воен вишок. Министерството за одбрана пред две години веќе продаде пет авиони супергалеб за нешто преку 250.000 долари.
Системот на одбрана на Војската на Црна Гора располага со околу 2.000 тони вишок муниција. Според планот на министерството, еден дел ќе биде понуден на продажба преку доверлив тендер, а останатиот дел ќе се уништува.