Да се одржи континуитетот во трговската размена и да се зголеми економската соработка со Русија

14

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин, со кого разговараа за економските односи помеѓу двете земји.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека по остварување на првата стратешка цел, членството во НАТО, стратешкиот интерес на Република Северна Македонија остануваат евроинтеграциските процеси и членството на нашата земја во ЕУ, но и одржување на добри билатерални односи со традиционална пријателските земји како што е Руската Федерација.

На состанокот се разговараше и за четирите сета економски мерки кои Владата ги донесе за поддршка на граѓаните и стопанството и ублажувањето на негативните ефекти од социоекономската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот. Соговорниците се согласија дека антикризните мерки ги даваат посакуваните резултати, како и дека сите земји ќе мора да продолжат со креирање на иновативни решенија за надминување на кризата.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека пандемијата е предизвик за земјите од целиот свет, а нагласи дека при креирањето на мерките се внимава во нив да се содржи и развојна компонента, која ќе ги поттикне компаниите на иновативни решенија, дигитализација на процесите, намалување на бирократијата и сивата економија.

Зголемувањето на економската соработка помеѓу Северна Македонија и Русија е заедничка заложба на вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Бездникин, на средбата ги афирмираа определбите за зголемување за трговската размена, а разговараа и за условите за инвестирање во земјата. Вицепремиерот Битиќи му порача на амбасадорот Баздникин дека имаме одлични услови за реализација на нови инвестиции од странски компании, како и дека ќе се работи на унапредување на грижата на странските инвеститори за време на реализацијата на инвестицијата и целото време додека работат во Северна Македонија.