Да учиме од децата!

18

deca-plaza

Фото: Pixabay

Еден ден седејќи на плажа, додека бев на одмор летово, една група деца ми го привлекоа вниманието. Тоа беа деца (Италијанчиња) на возраст од 3 до 8 год. кои ја беа окупираа една карпа и од неа скокаа. Интересно беше тоа што најголемиот, Алфредо, се (само)постави како организатор и постојано им измислуваше нови начини на скокање. Прво, рипаа сите одеднаш, потоа еден по еден, потоа машките, па женските итн. Најимпресивно беше тоа што Алфредо ми одржа лекција за лидерство и за менаџмент. Сè што правеше, и како го организираше тимот, беше како според книга. Прво ги организираше, а пред секој скок им ги менуваше позициите. Ги распоредуваше, според висина или возраст или пол. Сите ги знаеше по име. Кога некој имаше проблем при качување на карпата му помагаше или им кажуваше на некои, што беа поблиску, да им помогнат. Ги караше, ако некој погреши (т.е. ако скокнеше пред тој да даде знак). Кога ќе го изведеа нивниот долго подготвуван скок, тој беше најгласен и ги мотивираше викајќи им пред да скокнат (им викаше: „Ајде Паола, Матео, Џиџи, Лаура…)“.

Алфредо сигурно не чул за менаџерски алатки или посетил некоја обука за лидерство и менаџмент или, пак, прочитал некоја книга. Тоа сè потекнува од неговата интуиција и преференциите (карактеристики) за лидер/менаџер што ги поседува и несвесно го развива. Доколку ги развива и понатаму неговите вештини, тој има потенцијал да стане голем менаџер.

Само набљудувајќи ги децата може да научиме многу и да се сетиме на некои од особеностите што сме ги имале. Децата се:

  • Интуитивни
  • Самоуверени
  • Живеат во моментот
  • Храбри
  • Креативни
  • Искрени (намери)
  • Отворени
  • Влегуваат во суштината
  • Доверливи
  • Активни
  • Морални
  • Посветени
  • Колаборативни
  • Авантуристи
  • Пробуваат нови работи
  • Без предрасуди и социјални бариери
  • Сакаат безусловно
  • Смеат

Може да направите самоанализа на овие карактеристики на децата и доколку некаде потфрлате, пробајте да го „разбудите детето во вас“ и да си ги повратите изгубените (потиснатите) квалитети. Созревањето е преценето, некаде прочитав. Животот не треба да се зема толку сериозно. Понекогаш убаво е да бидеме дете и да живееме во моментот.

Со успех во промените.