Дачија лансира нов електричен модел за само 18.000 евра

Дачија го подготвува новиот електричен автомобил Evader, кој ќе ја користи истата платформа како и новиот Renault Twingo.

Според информациите од германското списание Auto Motor und Sport, почетната цена ќе биде околу 18.000 евра, што е многу прифатливо за сегментот на мали градски возила. Спецификациите се солидни за оваа цена. Батеријата од 27,5 kWh треба да обезбеди досег до 260 километри според WLTP стандардот.

Со DC полнење од 50 kW, Evader ќе се полни побрзо од малата Dacia Spring, која достигнува само 30–40 kW во зависност од верзијата. Електричниот мотор од околу 60 kW го прави автомобилот идеален за градски сообраќај, а во исто време овозможува ниска потрошувачка на енергија.

Ако го споредиме со моделот Renault Twingo, кој има почетна цена од околу 20.000 евра, Evader ќе биде поприфатлива алтернатива со слични перформанси. Evader, како и Twingo, ќе се произведува во фабрика во Новo Место, Словенија, и се очекува да се појави на пазарот следната година.

Новиот модел ветува практичност, прифатлива цена и побрзо полнење, што го прави привлечен за клиентите кои бараат компактен и функционален градски електричен автомобил.