
Новиот електричен автомобил на Dacia би требало да биде претставен во наредните месеци, пред неговата јавна премиера на Салонот за автомобили во Париз во септември. На пазарот ќе се појави до крајот на годината по цена пониска од 18.000 евра. Ова ќе биде вториот мал електричен автомобил на марката во продажба, покрај моделот Spring. Идејата е, секако, да се продаваат што повеќе електрични возила за да се избегнат финансиските казни од Европската Унија поради емисиите на CO2 од бензинските модели.
Во голема мера базиран на моделот Twingo, со кој ја дели платформата, новиот модел е претставен како наследник на Spring, но и тој модел ќе остане во понудата уште некое време.
Новиот автомобил ќе биде нешто поголем од Spring, со должина од околу 3,8 метри и ширина од 1,7 метри, а најавите покажуваат дека ќе претставува радикална промена во однос на стилот, со силно влијание од SUV моделите на Dacia. Новиот автомобил ќе се произведува во Европа (веројатно заедно со Twingo во Словенија), што значи дека ќе ги избегне царините што ЕУ ги наметнува за кинеските електрични возила, вклучувајќи го и моделот Spring, со што се зголемува профитабилноста, пишува ХАК Ревија.
Во сегментот на микро и мали електрични автомобили ќе има голема конкуренција во Европа – покрај Spring, тука се и Renault 4 и 5, Fiat Grande Panda, Citroen C3, а набрзо и низа модели од концернот Volkswagen, како и многу кинески модели како Leapmotor T03, BYD Dolphin Surf…











