Дајмон: Европа треба да спроведе длабоки економски и воени реформи

Извршниот директор на „Џеј-Пи-Еј Морган Чејс“, Џејми Дајмон, се залага за длабоки економски и воени реформи во Европа, објави денес „Волстрит џурнал“.

Тој процени дека Соединетите Американски Држави во тој случај треба да ѝ понудат на Европа голем договор за економијата и слободната трговија, објави „Ројтерс“.

„Верувам дека САД треба да ѝ понудат на Европа голем поттик: ако спроведе значајни економски и воени реформи, вклучително и сè што го сметаме за клучно за безбедноста и отпорноста, САД би преговарале за голем, сеопфатен економски договор за слободна трговија со Европа“, рече Дајмон во колумна.

Дајмон рече дека таков трговски договор би бил „пресвртница“ за САД и нивните сојузници, дозволувајќи им заеднички да влијаат врз правилата за глобална трговија и да бидат покохезивни во услови на притисок од авторитарните држави.

Предложениот договор, рече тој, би можел да се прошири и на пријателски демократии, вклучувајќи ги Канада, Мексико, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Филипините.

Неговиот повик за слободна трговија е во спротивност со протекционистичките политики што моментално ги спроведува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, бидејќи трговските односи на Вашингтон со некои од неговите најголеми партнери, вклучувајќи ја Европската Унија и Канада, се влошија по воведувањето на царини и построги преговарачки тактики.

Дајмон ги издвои како приоритети за ЕУ ​​завршувањето на долговетуваната унија на пазарите на капитал и банкарската унија, како и зајакнувањето на независноста на блокот во областите на одбраната, производството и енергетиката.

Според него, Европа што може да мобилизира капитал, да развива иновативни компании, да консолидира одбранбено производство, да ја намали стратешката зависност и да постигне посилен економски раст би била поспособен безбедносен и поотпорен економски партнер за САД, како и посилна противтежа на економската моќ на Пекинг.

Дајмон претходно ја критикуваше Европа за нејзиниот слаб економски раст и недостатокот на компании со глобално значење.

Минатата година тој им рече на европските бизнис и политички лидери дека Европа губи од САД и Азија.

Во исто време, Дајмон рече дека САД мора да преземат чекори за да го задржат својот статус на водечка воена и економска сила во светот и да го вратат „американскиот сон и американските вредности“, за кои рече дека ослабуваат кај дел од населението.

„Обновената посветеност на американските вредности и сојузи, заедно со решителни реформи во Европа, би претставувала геополитички и економски удар, гарантирајќи ја силата на западниот свет во следните 250 години“, рече Дајмон.