Дали БРИКС ќе му конкурира на Западот? Кина официјално ја поддржа Аргентина

134

Аргентинската влада  соопшти дека добила официјална поддршка од Кина во врска со барањето на земјата да се приклучи на групата БРИКС.

Тој блок го сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

Аргентинскиот министер за надворешни работи Сантијаго Кафијеро се сретна со својот кинески колега Ванг Ји на самитот на Г-20 во Индонезија, каде беше официјализирана оваа поддршка, се вели во соопштението на аргентинското Министерство за надворешни работи, пренесува Ројтерс.

„Ванг Ји официјално ја потврди поддршката на неговата земја за членството на Аргентина во групата БРИКС, во согласност со договорот меѓу лидерите на таа група“, посочува аргентинското министерство и додава дека, доколку Аргентина се приклучи на групата, „тоа ќе го зајакне и прошири опсегот на нејзиниот глас во одбраната на интересите на светот во развојот“.

БРИКС се смета за моќен блок на земји во подем кој му конкурира на Западот. Аргентина е главен извозник на соја, пченица и пченка.

Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез претходно најави дека земјата, која се бори со економска криза, висока инфлација и слаби девизни резерви, сака да се приклучи на групата БРИКС. Овој процес бара поддршка од членовите на оваа група.

Кина има убедливо најголема економија во БРИКС, со удел од над 70 отсто од вкупната економска моќ на блокот, чија вредност се проценува на 27,5 трилиони долари.

Индија има удел од околу 13 отсто, а Русија и Бразил по околу 7,0 отсто, покажуваат податоците на ММФ.

Земјите од БРИКС сочинуваат повеќе од 40 отсто од светското население и околу 26 отсто од светската економија, додава британската агенција.