Дали е легално вложувањето во крипто-средства во странство

128

Во глобални рамки речиси и да не постои регулатива којашто го регулира издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средства, иако потребата за регулирање станува сѐ поочигледна, информираат од Народната банка.

Крипто-средствата од аспект на формалните квалификации главно се делат во две категории:

  • крипто-средства коишто се наменети за плаќање (англ. payment type), коишто имаат карактеристики на биткоин (англ. Bitcoin-like crypto-assets – BLCA) и се класифицираат како нефинансиски средства, а вложувањата во такви крипто-средства имаат третман на вложувања во нефинансиски, нематеријални средства, заради што овие трансакции се тековни, а не финансиски.
  • крипто-средства коишто имаат карактеристики на финансиски инструменти (англ. stablecoins, asset-referenced token) и се класифицираат како финансиски средства/вложувања.

Кај нас, како и во други земји, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го регулира и работењето со странство. Сепак, ова не значи дека работењето со крипто-средствата е недозволено, туку во моментов тоа е нерегулирано, одговараат од Народната банка.

Поради комплексноста и анонимноста, трансакциите со крипто-средства имаат повисоко ниво на ризик од перење пари и финансирање тероризам. Оттука, банките се должни да ги почитуваат покрај соодветните барања поврзани со девизниот режим, така и прописите поврзани со спречувањето перење пари и финансирање тероризам.

Фото: Pixabay