Дали ЕЦБ ќе го „заборави“ профитот при скротување на инфлацијата?

Во борбата против инфлацијата, Европската централна банка (ЕЦБ) се фокусираше на растот на платите, кој многу заостанува зад инфлацијата, спомнувајќи  ги на второ место компаниите кои имаат екстра профит, предупредуваат економистите.

Растот на платите е главната причина за силниот раст на цените, изјави претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард на прес-конференција по минатонеделната седница, најавувајќи зголемување на каматните стапки во еврозоната .

ЕЦБ на тој начин го префрли својот центар на гравитација од големиот профит на компаниите на пазарот на трудот, пренесува Лидер хр.

Економистите алармираат, предупредувајќи дека ЕЦБ ги повикува работниците да го поднесат товарот на високите цени, туркајќи го во втор план фактот дека компаниите заработуваат огромни суми поради слабата конкуренција.

– Се надевавме дека ќе се смени, но ЕЦБ навистина не сака да зборува за профит и упорно вината за инфлацијата ја префрла на работниците и бара од нив да продолжат да носат дел од товарот на својот грб -објаснува на Твитер Даниела Габор, професорка по економија и макрофинансирање на Универзитетот во Бристол.

Според податоците на Евростат, трошоците за работна сила на час, вклучително и платите, пораснале помалку од цените во првиот квартал, што сигнализира ослабена куповна моќ на граѓаните.

Официјалните бројки за профит се потешко да се најдат, но податоците на Refinitiv покажуваат дека оперативната маржа на малопродажните компании во еврозоната била 10,1 отсто во првиот квартал, исто како и минатата година. Во споредба со периодот пред пандемијата, тој е за речиси една петтина повисок.

Лагард истакна дека некои компании остваруваат релативно големи профити, особено во секторите каде побарувачката ја надмина понудата, но таа ја обвини високата инфлација на трошоците за работна сила, со други зборови продуктивноста, и покрај стагнацијата на економијата.

Професорот на Факултетот за менаџмент IESEG во Париз, Ерик Дор предупредува на парадокс во политиката на ЕЦБ, објаснувајќи дека повисоките каматни стапки ја намалуваат побарувачката, а со тоа и производството.

Со оглед на тоа што компаниите не отпуштаат работници веднаш, намаленото производство резултира со помала продуктивност по работник, а со тоа и повисоки трошоци и во крајна линија повисоки цени, објаснува Дор.

– Така, политиката што треба да ја намали инфлацијата всушност го зацементира растот на цените, барем на краток рок – рече Дор.