Дали европската автомобилска индустрија треба да биде загрижена? Еден од пет електрични автомобили доаѓа од Кина!

115

Нови играчи се приклучуваат на автомобилската индустрија, вклучувајќи голем број кинески производители, од кои некои одлучија да се прошират на европскиот и американскиот пазар. Дали европските производители треба да бидат загрижени за оваа нова и бројна конкуренција? Кина игра сè поважна улога во продажбата на електрични автомобили на стариот континент. Според податоците на Jato Dynamics , од почетокот на годината до август дури 19% од електричните возила регистрирани во Европа се произведени во Кина. Азиската земја веќе е блиску зад Германија, која има удел од 22%.

Саемот за автомобили во Париз ќе биде пример за промени. Кинескиот BYD ќе изложи три модели кои ќе се продаваат во Европа, а кинескиот MG исто така очекува многу од компактниот модел MG4 кој им конкурира дури и на електрични автомобили помали од него. Од друга страна, повторно кинеските NIO и Xpeng исто така тргнаа да го освојуваат европскиот пазар со своите возила.

Засега, поголемиот дел од електричните автомобили што се продаваат со ознаката Made in China се брендови како Tesla, кои, според Jato Dynamics, сочинуваат половина од увозот во Европа од Кина. Друг модел што ги зголемува продажните бројки на кинески возила е Dacia Spring, кој се произведува во Кина за целиот свет и чии 30.000 единици беа нарачани во првата половина на 2022 година, пишува Ревија ХАК.