
Иако за многумина е „сон“ да заминат на работа во Германија, во тоа најчесто се спречени со тоа што немаат ЕУ пасош, виза, работна дозвола – воопшто, бирократија и документација.
Сепак, се чини дека и оние кои одат во Германија – тој „сон“ не е секогаш онака како што го очекувале/замислувале.
Генерално, поедноставениот влез на странски работници во Германија, кои се нискоквалификувани и слабо платени, може да создаде „нова послаба класа“ во земјата, велат експертите од најголемата европска економија.
„Работата во секторот со ниски плати често е замка наместо отскочна даска за странските работници“, наведуваат авторите на студијата објавена во вторник од Советот на експерти за интеграција и миграција (СВР).
Потсетуваме, Германија најави признавање на сите возачки дозволи од БиХ и Црна Гора, што може да доведе до прилив на професионални возачи во таа земја, бидејќи нивните плати таму се многукратно повисоки од оние во татковината.
Сè на сè, анализата со која се занимава Советот се заснова на планот на германската влада да им обезбеди на странските работници осум месеци работа годишно, без оглед на нивните квалификации.
Јасно е дека оваа велесила со месеци, па и со години се соочува со сериозна криза на работната сила: тоа е дефицит од неколку десетици илјади експерти од различни области, но пред се од оние со помали плати.
Министерот за труд Хубертус Хајл и шефицата на дипломатијата Аналена Бербок деновиве престојуваат во Јужна Америка каде, меѓу другото, се залагаат за доаѓање негувателки и квалификувани работници во Германија.
Раководителот на проектот СВР, политикологот Холгер Колб изјави дека одредени сектори во земјата како градежништвото, земјоделството, прехранбената индустрија и домашната нега не можат да опстанат без странци. Но, работат за мизерни плати и под најтешки услови, без можност за напредување, стои во студијата на СВР.
Затоа, Колб препорачува странските работници да добијат целосни информации за правата и механизмите за заштита. Дополнително, тој вели дека треба да се дозволат групни тужби.











