Дали и натаму ќе има зимско сметање на времето?

136

Граѓаните на ЕУ ќе ги поместат часовниците за еден час наназад затоа што тогаш започнува “зимското сметање на времето“, како што тоа го направија кон крајот на март кога се префрлија на летно сметање на времето. 

“Во недела, на 31 октомври, ќе го поместиме часовникот“, рече неодамна портпаролот на Европската комисија, Стефан де Керсмекер, одговарајќи на прашање од новинарите за предлогот да се прекине поместувањето на часовникот секоја последна недела во март и последната недела во октомври.

Поместувањето на часовникот требаше да запре во 2019 година, откако беше предложено од поранешниот претседател на Комисијата, Жан-Клод Јункер, во 2018 година, при што членовите ќе останат да одлучат дали ќе го задржат летното или зимското сметање на времето.

Предлогот беше поддржан од Европскиот парламент во 2019 година, но немаше индикации дека предлогот ќе добие поддршка од земјите – членки.

“Работата сега е во рацете на земјите – членки“, рече портпаролот.

Европските министри за транспорт одлучија во декември 2018 година да ја одложат одлуката за укинување на сезонското поместување на часовникот до 2021 година, но ништо не се случи по тоа прашање потоа.

Проблемите се појавија затоа што на ниво на Европската унија не можеа да се договорат во кое време да го задржат, зимско или летно, и секоја земја имаше свои преференции. Затоа, Европската комисија остави на земјите -членки сами да одлучат кое време ќе го задржат, но не и да го менуваат двапати годишно. Според Европскиот парламент, оваа година требаше да биде последното движење на часовникот, но сега се одложува за “одреден рок во иднина“.