Дали иновативноста е редок дар или способност што се развива?

23

inovacii-1

Фото: Pixabay

Ако бизнис императив денес е Иновативност, сè почесто се поставува прашањето од каде доаѓаат идеите за нови производи, услуги, дури и нови технологии? Дали таа е редок дар кај одредени луѓе и треба да се чека новата идеја да се појави или пак тоа е способност на луѓето која може да се развива, негува, дури и стимулира?

Професорите нè учеа дека ниедно прашање не е глупаво, па така и ниедна идеја не е „блесава“ или невозможна додека не се тестира во реалноста. Но, сето ова спаѓа во полето на генерирање идеи кои се само појдовна точка за Иновациите. За да ја стимулираме и развиваме способноста на секој поединец за пронаѓање нови идеи, нови решенија на постоечките проблеми, мора да има системска поддршка. Тоа се поттикнува и развива уште од мали нозе, кога кај децата се наградува љубопитноста, храброста, посебноста, а не само репродукција на наученото. Знаењето се става во функција само тогаш кога до него ќе се дојде самостојно или кога ќе се тестира во реалноста, а не кога ќе се вербализира. Образованието мора да биде организирано така да обезбеди услови за креирање на сопствени решенија кои одат подалеку од сето претходно што го искусиле и систематизирале како знаење претходниците. Токму затоа фронталниот начин на предавање присутен во нашиот образовен систем и немањето лаборатории, работилници, настава во природа, не го развива функционалното знаење, па така ние имаме само успех на тестовите за репродукција, но не и за решавање проблеми.

Научниците кои се занимаваат со оваа проблематика тврдат дека ако да не била потребна системска поддршка, сè уште Аристотеловата етика би била „Устав“ на науката, како и што била 2000 год. Но, по Геделовата теорема на непотполноста и Шеноновата Математичка теорија на Комуникациите се отвора можноста за стимулација на дивергентното мислење, а следствено на тоа и развој на Информатичката теорија, па со нанотехнологијата се отиде чекор понатаму во развојот на целата цивилизација.

Основата од Аристотел не треба да се руши ниту запостави, но целиот историски развој на човековата мисла треба да биде само основа со постојана тенденција да се оди понатаму, да не се руши, туку надоградува со нови, непознати решенија за човештвото.

Ако системот стимулира креативност и иновативност, на бизнисите ќе им биде лесно да бидат и самите иновативни, бидејќи идеите ќе ги црпат од сите луѓе, учесници во тимовите. Мораме креативноста и инвентивноста да ги третираме како способност која се развива и негува и дека вложениот труд во развој на овие способности е исплатлив не само за поединците вклучени во тој процес, туку и целиот систем и резултатите се лесно воочливи.