Дали капитализмот падна на испит, постои ли солидарност?

94

Глобалната криза којашто ја предизвика прогласената пандемија на коронавирус ја осветли “темната страна на капитализмот“, која со децении се наметнува како единствен исправен систем на глобално ниво.

Кризата, исто така, покажа дека зад солидарноста многу често, а во овој момент сигурно, се кријат политички и економски интереси и истата е ограничена од потребите на секоја индивидуална држава, сметаат соговорниците на Tanjug.

При тоа, се добива впечаток дека оние држави кои во своите системи имаат елементи од социјалистичкиот модел се обидуваат да ги обноват, а оние кои ги немаат, се обидуваат да ги изградат за да можат подобро да одговорат на моменталните здравствени и економски предизвици.

Не постои либерално капиталистички поредок. Пандемијата на Ковид – 19 ја покажа неодржливоста на капиталистичкиот систем со којшто владеат најголемите мултинационални корпорации и финансиски институции, како што се хеџ фондовите, а се под идеолошката мантра на неолиберализмот, смета Ѓорѓе Ѓукиќ, професор на Економскиот факултет при Универзитетот во Белград.

“Огромните профити на овие актери на пазарот пред светската криза во 2008 година се приватизирани, а загубите, мерени во илјади милијарди после кризата, се социјализирани, преку интервенциите на најразвиените држави во светот, преку немилосрдно печатење на пари и задолжување на државите“, објаснува професорот Ѓукиќ.

Современиот бизнис, но и економски развиените држави не ја познаваат солидарноста, туку ја познаваат само алчноста. Токму тоа, во потполност го разоткри актуелната пандемија, смета Ѓукиќ.

Поради тоа, еден од главните столбови на државите се стратешките стокови резерви засновани на домашните производствени капацитети, додава професорот.

Иако светот, вообичаено, се набљудува низ “црно белата призма“, односно или се работи за либерален капитализам или за социјализам, особено оваа криза покажа дека клучните вредности на општеството, како што се природните ресурси, здравството, образованието… не смеат или не смееле да се приватизираат, потенцира професорот Ѓукиќ.

Актуелната пандемија не ја доведува во прашање цивилизациската оптималност на капитализмот, туку таа само ги разоткрива сите слабости и недостатоци кои свесно и системски се “потиснувани под тепих“ од страна на круговите кои имаа интереси за тоа, вели Ратко Богдановиќ од Економскиот институт во Белград.

“Капиталистичкиот пристап во сите области од животот е прогласен како најдобар во однос на другите. А тоа значи дека економскиот раст и профитот оправдуваат сè, а жртва се сите области на животот, во помала или поголема мерка“, смета Богдановиќ.

Богдановиќ, исто така, истакнува дека, секој систем, од држава до држава, може да биде оспорен преку објективни и субјективни аргументи.

Во условите на кризна состојба, оние кои донесуваат одлуки, имаат поголемо разбирање за значењето, важноста и цената на економската и енергетската независност и сигурност.

Обезбедувањето на независноста и сигурноста го намалува растот и профитот, но во нормални околности. Во услови на глобални катастрофи, алтруизмот и солидарноста се губат, како и постулатите врз кои се темелат политичките системи, оценува Богдановиќ.

Дарвиновата теорија за еволуцијата тврди дека опстануваат најприлагодливите, но тоа не значи дека опстануваат и најбогатите.

Денешниот свет некој го опиша со зборовите “гладот во светот не е затоа што не можеме да ги нахраниме сиромашните, туку затоа што не можеме да ги нахраниме богатите“, а гладот има многу лица, глад за власт, глад за моќ, глад за доминација, заклучува Богдановиќ.

Фото: Pixabay