Дали легендарниот автомобилски бренд згаснува? „Ако не донесе пари…“

83

Групацијата Stellantis презема чекори за справување со послабата продажба и високите залихи во САД и нема да се двоуми да прекине со одредени брендови во своето големо портфолио, изјави во четвртокот извршниот директор на Групацијата Карлос Таварес.

„Ако не заработат пари, ќе ги затвориме“, им рече Карлос Таварес на новинарите откако четвртиот најголем светски производител на автомобили објави резултати во првото полугодие полоши од очекуваните, со што нејзините акции паднаа за повеќе од 10%. „Не можеме да си дозволиме брендови кои не заработуваат пари“, додаде тој.

Групацијата сега го разгледува и кинескиот Leapmotor како 15-ти бренд, откако претходно договори широка соработка.

Stellantis не објавува бројки за поединечни брендови, освен за Maserati, кој пријави приспособена оперативна загуба од 82 милиони евра во првата половина од годината, пренесува N1.

Некои аналитичари велат дека Maserati би можел да биде цел на продажба на Stellantis, додека други помали марки би можеле да бидат изложени на ризик да бидат затворени со оглед на нивниот маргинален придонес во вкупната продажба на групацијата.

Maserati е првиот кандидат да добие нов сопственик.

Ова не е само шпекулација, бидејќи има изјава од претставници на Stellantis да ја поткрепат. Финансиската директорка Натали Најт призна дека може да дојде време кога Maserati ќе биде понуден на пазарот на брендови на автомобили.

„Можно е во одреден момент во иднина да бараме подобар дом за Maserati“, рече таа.