Дали на ЕУ ѝ се потребни мали монети? Еве колку чини да се изработи еден цент

Германската централна банка Бундесбанк проценува дека изработката на монета од еден цент е поскапа од нејзината номинална вредност.

Монетите од еден или два центи сè уште се наоѓаат во паричниците на Германците, кои традиционално претпочитаат готовинско плаќање. Сепак, овие монети често со недели се носат во паричникот без да се употребат и на крајот завршуваат во касите за штедење или во кутии за донации во продавниците.

Па, се поставува прашањето дали воопшто ни се потребни овие пари?

Веќе подолго време преовладува мислењето дека треба да се укинат бидејќи создаваат повеќе проблеми отколку корист. Германската Бундесбанк посочува дека правењето една монета од еден цент изнесува околу 1,65 центи – ако се земат предвид материјалот (челик и бакар), ковачката обработка, пакувањето и транспортот.

Монетата од два центи е малку поскапа, но сè уште не ја надминува својата вредност.

Колку вакви монети има во оптек?

Европа би можела да заштеди значајни средства ако се укинат овие монети. Според Европската централна банка, во оптек се над 40 милијарди монети од еден цент и повеќе од 31 милијарда од два центи – заедно сочинуваат само 3 oтсто од вкупната вредност на сите евра во оптек.

Секоја година се коваат повеќе од 4,5 милијарди вакви монети, а околу 3,3 милијарди повторно се враќаат во системот – особено затоа што бакарниот слој брзо кородира и се оштетува, па мора да се заменуваат. Целиот овој циклус чини многу пари.

Дополнителни трошоци за трговците

Управувањето со ситни монети им носи дополнителни трошоци и на трговците бидејќи банките наплатуваат провизии за депонирање и подигнување. Касите мора постојано да имаат доволно ситни пари за купувачите што плаќаат во готово.

На пример, провизијата за подигнување може да изнесува 3,50 евра за 10 ролни монети. Ако тие ролни се составени само од монети од еден цент (вредни 50 центи), од платените 5 евра останува речиси ништо. Затоа трговците повеќе преферираат да не користат готовина, особено ситни пари и полека преминуваат на електронско плаќање.

Според процените на Бундесбанк од 2011 година, околу 80 отсто од монетите од еден цент и 75 отсто од оние од два центи не се во реален оптек – завршуваат во домашни касички, донациски кутии или едноставно се губат.

Денес, таа бројка веројатно е уште повисока бидејќи електронското плаќање станува сè попопуларно. Истражување на Европската комисија од 2020 и 2021 година покажа дека 70 отсто од граѓаните на ЕУ сакаат да се укинат овие монети, а 80 отсто од повеќе од 17.000 одговори дошле токму од Германија.

Предности на монетите – трговски трик

Секако, постојат и некои предности од ситните пари. Трговците со години применуваат ценовна стратегија што завршува на 99 центи. Благодарение на овој психолошки трик, производот изгледа поевтин отколку што навистина е бидејќи 4,99 евра изгледа поприфатливо од 5 евра.

Ако овие монети се укинат, трговците би морале да ја приспособат ценовната политика и да ги заокружуваат цените нагоре или надолу. На пример, за производ од 4,95 евра, при секоја продажба би се губеле 4 центи, но од друга страна, би се заштедило на трошоците за управување со ситни пари.

Холандија и неколку други земји членки на ЕУ веќе одамна го применуваат тоа: при плаќање во готово конечниот износ секогаш се заокружува на 5 центи. Така, 4,92 евра стануваат 4,90, а 4,97 евра се заокружуваат на 5 евра. Финска, Ирска и Италија веќе не произведуваат монети од еден и два центи. Но, нивното целосно укинување може да го донесе само Европската Унија.

Монетите играат важна улога во донациите. Многу купувачи го оставаат кусурот во донациски кутии, со што годишно се собираат милијарди. Освен тоа, многу бездомници зависат од тие ситни монети што им ги даваат минувачите.