Дали “океан“ канцелариите заминуваат во историјата?

417

Замислете си работна атмосфера во некоја голема корпорација… Висок облакодер, а на 50-от кат се наоѓа огромен отворен простор, целиот заобиколен со стакла, за да го отсликува пејзажот од висината и дополнително да му даде на просторот длабочина.

Можеби ова е кадар од некој американски филм, но ваквите отворени канцеларии или познати како “океани“ се среќаваат и кај нас. Иако оддаваат впечаток на отвореност, непосредност, блискост меѓу колегите, нема бариери меѓу вработените и претпоставените… сепак во услови кога секој втор збор е врзан за пандемијата предизвикана од корона вирусот, се поставува прашањето дали овие канцеларии ќе имаат иднина.

На пиедесталот се искачува проѕирниот материјал – плексиглас, што ем заградува, ем создава чувство на отвореност. Па, се поставува прашањето дали овие “океани“ ќе добијат заградени простори, кабини, капсули… коишто ќе имаат задача да ги заштитат оние кои работат таму.

Замислете си сега да работите во таков “океан“ и одеднаш ве дефокусира кивање или кашлање на колегата… Можеби да се случеше тоа до пред некој месец, ќе си речевте ништо, но сега сигурно ви паѓаат на памет најцрните сценарија.

Сепак, останува да се следи ситуацијата, да се почитуваат препораките и да се бараат креативни решенија коишто во преден план ќе ги стават заштитата на здравјето на работниците и условите во коишто ќе можат да работат.

Од оваа пандемија може да се извлечат многу заклучоци, да се променат одредени навики, да се ревидираат некои одлуки… На крајот најважно е здравјето на луѓето, а сè останато следува потоа.

Фото: Pixabay