Дали омикрон ќе биде поблаг кон светската економија?

74

Засега е познато дека омикрон дава поблага клиничка слика за заболените, но прашање е во каква состојба ќе ја остави светската економија. По завршувањето на бранот зараза предизвикан од ширење на делта сојот, ММФ ја зголеми прогнозата за растот на светската економија за оваа година на 4,9 отсто.

Сепак, според Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд, оваа прогноза наскоро би можела да се ревидира надолу. Доколку омикрон наскоро го достигне својот врв и бројот на заразени почне да опаѓа, можеме да очекуваме економско закрепнување во вториот квартал од оваа година, тврди таа.

Земјите со помалку вакцинирани луѓе ќе бидат во економски понеизвесна ситуација поради повеќе заразени лица, како и некои земји со многу строги антиковид мерки, како Кина, која затвора цели градови.

Но, по секој бран на инфекција, има бран на економско закрепнување. Така ќе биде и овој пат, со малку изменети околности – инфлацијата во САД и Европа достигна невидени нивоа поради поскапувањето на енергенсите. Тоа негативно се одразува на потрошувачката, а со тоа и на бизнисот на стопанството. И што е најлошо, не се гледа крајот на поскапувањето, делумно поради недостигот на одредени стоки, кои пак, беа предизвикани од пандемијата на корона вирусот.