Дали сте просечен работник

28

Фото: Pixabay

Работниците се делат на просечен и ориентиран кон резултати. Нормално, има милион други поделби, но оваа е онаа првата поделба. И,ако прашате кого било или, пак, се запрашате самите себеси – Кој од овие две личности сте вие? Јас сум сигурен дека секој од нас/вас ќе каже дека е личност на која му се важни резултатите, но дали е навистина така?

Сакам да споделам со вас неколку карактеристики за просечните работници кои ги имам забележано во текот на мојот работен век, но ги имам и „прочитано“ и со кои се согласувам. Просечниот човек:

  • Живее во комфорна зона – најубавата зона во која најголемиот број од вработените живеат и функционираат, и затоа е ставено прво!
  • Се адаптира во работната околина многу брзо и не дава придонес за промени – седи мирен (ова не значи дека треба да е бучен за да е спротивно) и ако е нов, брзо се прилагодува на атмосферата, но најчесто на неубавите работи и не дава придонес за поправање на истите, му/и одговараат, зашто би?
  • Воден е од страв – баш поради стравот да не ја изгуби работата, да не направи некоја беља, да не го искараат е просечен и не дава повеќе од себе, што е нормално (стравот лозјето го чува).
  • Според него, можете да го мерите времето, доаѓа на работа точно во одредено време и си оди во точно одредено време – да се договориме, не велам дека и другите не се такви, но за оваа личност е карактеристично ова: во времето кога треба да си оди, остава сè (недовршено) и си оди. Демек, што е до мене, толку е!
  • Тоа што му/и е доверено, го сработува и толку – нема да добиете повеќе од тоа или некоја идеја за подобрување на доверената задача или како во иднина побргу да се заврши. Едноставно, без иницијатива за нешто подобро.
  • Социјални медиуми – трошат многу (непотребно) време на социјалните медиуми. Проверуваат константно што има „ново” постојано и тоа го прават кога имаат, но и кога немаат многу време…
  • Внимание – многу лесно им се одвлекува вниманието и концентрацијата, односно им треба многу долго време да се вратат назад на она што навистина треба да го сработат.
  • Чит/Чат – премногу време инвестираат во муабети кои се рекла/кажала, да не кажам и дека многу озборуваат. За секоја тема имаат знаење и активно учествуваат во неа.
  • Прибелешки – забораваат дека имаат ограничен капацитет за меморирање на нештата и лесно ги забораваат. На состаноци никогаш или ретко носат нотеси за да прибележат работи кои се важни за нив и за нивната работа.
  • Време – немаат концепт за времето и поради тоа, следењето на времето им е здодевно. Затоа и не знаат на што потрошиле најмногу време. Времето е можеби необновлив ресурс и затоа е потребно да се искористи што е можно поефикасно, но тие најчесто го трошат на:
    • Телевизија
    • Телефон
    • Игри
  • Критичко размислување – бидејќи нивната ангажираност во работата е мала и никогаш или многу малку прашуваат, не ни треба да се очекува дека ќе имаат критичко размислување за работите и предлози за нивно подобрување.

И сега, ако ги погледнете погоре наведените работи, се пронаоѓате во некои од нив? Ако ДА, тогаш, менувајте се под итно! Немојте да бидете како другите, бидете различни од нив и дајте иницијатива.