Дали вработените во една компанија претставуваат трошок или инвестиција за сопствениците? Ова беше едно од прашањата на кое се побара одговор за време на средбата за размена на искуства на тема Управување со човечкиот капитал што минатата недела се одржа во просториите на ЦЕЕД Македонија.
Секој вработен претставува инвестиција за компанијата и тој мора да верува во вредностите на компанијата и истите да ги споделува, беше ставот на гостите говорници на овој настан Анита Христова, ко – сопственик и менаџер во компанијата Христови Инженеринг и Пеце Ангелковски, основач, ко – сопственик и директор на X3m Labs.
“Создавањето на вредност и поврзување на вработениот со тие вредности се клучни за успехот на компанијата. За мене човечкиот капитал е најважен, тој е категорија што постојано се менува. Човечките ресурси не може да се контролираат, туку треба да се менаџираат“, вели Христова, додавајќи дека за поголем успех секоја компанија треба да направи систематизација на работните места за поголема ефикасност.
При изборот на вработените, според Ангелковски, поважно е човек да има подобар резултат на тестот за емоционална самосвесност одошто на тестот за интелигенција (IQ).
“Сите успешни бизнисмени се успешни бидејќи имаат силна и развиена социјална интелигенција“, вели Ангелковски, кој истакна дека при регрутацијата на новите вработени може да се користат различни техники и методи што ќе го идентификуваат најсоодветниот кандидат за одредена работна позиција.