Дали знаете колку заработува вашиот партнер?

46

Разликата во висина на платата може да биде потенцијален извор за несогласување, па дури и љубомора меѓу партнерите.

Хрватскиот портал Moj posao пренесува истражување во коешто учествуваат 1.200 испитаници, а се однесува на тоа дали партнерите си ги знаат платите, како реагираат кога на партнерот му е повисока платата и како ги делат трошоците на заеднички живот.

Половина од испитаниците (55%) го знаат точниот износ на платата на својот партнер, додека 27% од нив од прилика знаат колку заработува партнерот. Скоро една петтина од испитаниците или 18% не знаат колкави примања има нивниот партнер, односно партнерка, но мажите и жените се подеднакво неупатени во заработката на својата “подобра половина“.

Оние со поголеми примања, во поголема мера знаат колкава е платата на нивниот партнер. Само 11% од оние кои заработуваат над 1.400 евра месечно не знаат колкава му е платата на другиот партнер, додека таков е случајот со 23% од оние кои земаат до 720 евра месечно.

Според Moj posao, очекувано е постарите испитаници да бидат подобро запознаени со платата на партнерот или партнерката, па само 9% од нив не го знаат износот на платата, додека процентот кај помладите од 25 години е 18.

Околу 21% од мажите и 16% од жените живеат со партнер со кој имаат исти примања. Половина од мажите живеат со партнерка која има помала плата, но и високи 29% имаат партнерка која има поголема плата од нив.

Од друга страна, само 17% од жените изјавиле дека тие се оние во врската кои имаат поголеми примања, додека кај 67% партнерот има поголема плата од нив.

Високи 87% од испитаниците изјавиле дека не им пречи партнерот, односно партнерката да има поголема плата од нив. За 5% од испитаниците таквата ситуација не е проблематична, доколку станува збор за привремена ситуација, додека 3% признаваат дека имаат проблем ако нивниот партнер заработува повеќе.

На прашањето кој би требало да заработува повеќе, 83% од испитаниците одговараат дека им е сеедно, додека 12% сметаат дека мажот и жената треба да бидат рамноправни во однос на заработката. За 5% од испитаниците, поприродно е мажот да заработува повеќе, додека бројот на оние кои сметаат дека е поприродно жените да заработуваат повеќе е занемарлив.

Фото: Pexels