Даночните приходи во САД ја надминуваат за 26% предкризната 2019 година

50

Оваа година, во споредба со 2020 година, даночните приходи во САД закрепнуваат, дури и го надминуваат износот за истиот период во 2019 година, според податоците објавени од Центарот за даночна политика (Tax Policy Center ,TPC).

Месечниот извештај за државните даночни приходи (Monthly State Tax Revenue Highlights) ги анализира податоците собрани до крајот на јуни 2021 година, што е последниот месец од фискалната година за повеќето американски држави. Тие покажуваат дека овој значаен показател за земјата се зголемил за 26,5% во фискалната 2021 година во споредба со фискалната 2020 година.

Од 43 држави анализирани во извештајот, 41 држава пријави раст на даночните приходи, додека 40 дури забележаа двоцифрен раст. Во 38 држави има зголемување на приходите од персонален данок на доход, во 39 држави – од данок на добивка, и во 36 држави – од данок на промет.

TPC, исто така, ги споредува стапките на раст на државните даночни приходи во Соединетите држави за четири месеци завршени во јуни 2021 година со истите периоди во 2019 и 2020 година.

„Периодот од март до крајот на јуни 2020 година беше генерално најлош даночен период за државите за време на пандемијата. Вкупните даночни приходи на владата, како и даноците на доход и продажба, значително се намалија во споредба со истиот период во 2019 година“, забележуваат аналитичарите на TPC .

„Заздравувањето во 2021 година од падот една година порано не е изненадување, но резултатите за тековната година се подобри од 2019 година, што укажува на „посилна доверба на потрошувачите, економско закрепнување и федерална поддршка“, се вели во извештајот.