Француската млечна компанија Danone објави дека ќе затвори три фабрики во Италија, Германија и Унгарија, а како причина за ова е големиот пад на продажбата во Европа, јавува Блумберг.
“Од 2010 година, поради долготрајната рецесија и падот на потрошувачката, продажбата во Европа бележи значителен пад. Иако веќе се насетува постепено подобрување, одделот на свежи млечни производи бележи пад на вкупно ниво на работењето и вишок на капацитети во некои делови од регионот”, соопштуваат од компанијата.
Со овој чекор на Danone, без работа ќе останат 325 луѓе, односно ќе се затворат 100 работни места во Италија, 70 во Германија и 155 во Унгарија.
Од Danone истакнуваат дека производството ќе биде пренасочено кон Белгија, Полска, Германија и Франција, а програмата на затворање ќе биде реализирана до средината на следната година.