Danube Foods група повторно почна преговори со потенцијални купувачи за продажба на белградската млекарница Имлек, изјави директорката на корпоративни и регулаторни работи на компанијата, Светлана Глумац.
Во интервју за месечникот Бизнис и финансии, Глумац не прецизирала со кои компании се преговара, но нагласила дека продажбата е стратешка цел, иако нема да се случи во скоро време, пренесува Танјуг.
Претходните преговори за продажба на Имлек се прекинати во мај 2012 година, а една од причините беше затоа што по изборите се очекуваше нестабилен курс на динарот.
“Продолжуваме да воведуваме нови технологии и да се шириме во Србија, БиХ и Македонија. Продолжуваме да инвестираме секаде каде што можеме, што не е вообичаено за инвестициски фондови. Сепак, веќе десет години работиме овде и се покажа дека деловната политика што ја спроведуваме е исправна”, вели Глумац.
Имлек е сопственик на неколку млекарници во регионот, а во Македонија е присутна преку Битолска млекарница.
Во рамките на Danube Foods групата, освен Имлек работат и Млекарница Суботица, Бамби Банат и Књаз Милош.