Педесетина деца од СОС Детско село беа специјални гости на Микросам од Прилеп по повод Светскиот ден на детето, 20 ноември. Тие преку игра и дружење со менаџментот на компанијата научија како се прават роботи, што се композитни материјали и каде се се употребуваат.
„Живееме во време кога дигиталната технологија се повеќе навлегува во нашето секојдневие и при таа трка со новините забораваме на убавите веќе заборавени детски игри. Но, кога ќе направите комбинација од двете нешта неизбежна е едукацијата преку игра. Тоа го направивме и денеска, преку игра учевме за се, што е роботика, композитни материјали, стигнавме дури и до сателити и авиони”, изјави Златко Соколоски, генерален директор на компанијата Mикросам.
Децата можеа да видат како функционира македонскиот Гугл, а како нивно изненадување беа и колективно – социјалните игри, фудбалчиња, пинг – понг, плеј стејшн, а во текот на целиот ден беа забавувани и од кловнот Пипи, со разни анимации и акробации. Дружењето, заедничата игра покрај со победник заврши со заеднички ручек што уште повеќе ги зближи децата и врвните експерти по роботика.
„Ова е единствена можност за децата затоа што ретко кога имаат привилегија да посетат некој производен и економски комплекс и да се запознаат со предизвиците што ги очекуваат во зрелоста. Самото излегување од селото, запознавањето на комплекс како што е Микросам, дополнето со целодневна забава, за нив е непроценливо“, изјави Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско село.
Секое дете од СОС Детско село замина од Микросам со книги со едукативна содржина наменети за деца на нивна возраст.