Дефицит од 3,8% од БДП во првото полугодие

21

Владата денеска го разгледа и усвои Извештајот за извршувањето на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот јануари – јуни 2020 година.

Во полугодишниот извештај за извршување на Буџетот кој е реализиран во услови на пандемијата од КОВИД-19 и во вонредна состојба, во резимето се констатира дека бруто-домашниот производ во првиот квартал (К1) од 2020 година забележа годишен раст од 0,2% на реална основа, при позитивен придонес врз растот на домашната побарувачка и негативен придонес на нето-извозот, во услови на пад и на извозот и на увозот.

Бројот на вработени во првиот квартал од 2020 година е повисок за 2,7% во однос на истиот квартал во 2019 година, а бројот на невработени се намали за 8,6%, што резултираше со намалување на стапката на невработеност на 16,2%.

Во резимето на Извештајот за извршувањето на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот јануари – јуни 2020 година е регистрирано дека стапката на инфлација во првото полугодие од 2020 година изнесува 0,5%, што е главно резултат на зголемените цени на храната за 1,7%, при намалување на цените на енергенсите.

Вкупните буџетски приходи се реализирани во износ од 87.437 милиони денари, што претставува 44,4% од планираниот износ за 2020 година, а вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот јануари-јуни 2020 година се реализирани во износ од 113.387 милиони денари, што претставува 46,7% од годишниот план.

Согласно извештајот, во периодот јануари – јуни 2020 година остварен е дефицит на Буџетот на Република Северна Македонија од 25.950 милиони денари, што претставува 3,8% од проектираниот БДП за 2020 година, државниот долг на Република Северна Македонија на крајот на првиот квартал од 2020 година изнесува 41,8% од БДП, додека јавниот долг претставува 50,7% од БДП.

Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата за измена на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, и ги задолжи Министерството за економија, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии и Централниот регистар на Република Северна Македонија да подготви предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица и истиот да го достави до Владата на Република Северна Македонија, најдоцна до 15 август 2020 година.

На денешната седница беше разгледан и усвоен Извештајот за ревидираниот Акциски план за формализација на неформалната економија 2018-2020, со задолженија за Министерството за финансии, во соработка со релевантните институции, да ја информира Владата на Северна Република Македонија за реализацијата и спроведувањето на новите предложени активности вклучени во ревидираниот Акциски план за формализација на неформалната економија 2018-2020 година на квартална основа, започнувајќи од 1 октомври 2020 година.

Фото: Freepik