
Евростат, статистичката служба на Европската Унија, објави податоци за државниот дефицит и долг за 2024 година, врз основа на информациите доставени од земјите-членки.
Во еврозоната, односот на државниот дефицит кон БДП се намали од 3,5 проценти во 2023 година на 3,1 една година подоцна, а во ЕУ од 3,4 на 3,1 процент. Односот на националниот долг кон БДП, од друга страна, во еврозоната малку се зголеми од 87 проценти на крајот на 2023 година на 87,1 минатата година, а во ЕУ од 80,5 на 80,7 проценти.
Овие информации се базираат на системот на национални сметки ESA 2010 и вклучуваат податоци за владините расходи и приходи.
Сите земји-членки, освен Данска (+4,5%), Кипар (+4,1%), Ирска (+4,0%), Грција (+1,2%), Луксембург (+0,9%) и Португалија (+0,5%), пријавија дефицит минатата година. Најголемите беа забележани во Романија (-9,3%), Полска (-6,5%), Франција (-5,8%) и Словачка (-5,5%).
Дванаесет земји-членки имаа дефицит еднаков или поголем од три проценти од БДП.
Во исто време, на крајот од 2024 година, најниските соодноси на јавен долг и БДП беа забележани во Естонија (23,5 проценти), Бугарија (23,8), Луксембург (26,3), Данска (30,5), Шведска (34) и Литванија (38 проценти). Дванаесет земји-членки имаа коефициенти на државен долг повисоки од 60 проценти од БДП, а највисоките беа забележани во Грција (154,2 проценти), Италија (134,9), Франција (113,2), Белгија (103,9) и Шпанија (101,6 проценти).
Минатата година, коефициентот на вкупните владини расходи кон БДП во еврозоната изнесуваше 49,5 проценти од БДП, а приходите и БДП 46,4 проценти. Бројките за ЕУ беа 49,2 и 46 проценти, соодветно. Коефициентите на владини приходи и расходи се зголемија и во еврозоната и во ЕУ во споредба со 2023 година.











