Дефинирање на работите

35

plan

Фото: Pixabay

Некои луѓе велат, крајот го краси делото. Тука е моментот каде што многу пати знаеме да затаиме. Да се договориме, но не и да ги дефинираме работите.

Дефинирањето на работите е нешто што треба да се случи на крај на кој било разговор, состанок или каква било коресподенција. За жал, кај нас голем број состаноци или разговори, завршуваат со недефинирани следни чекори, што доведува до неизвршување на работите или толкување на работите според сопствено убедување (кој како сака). Последица на тоа е:

– непродуктивен состанок;

– погрешни или различни заклучоци;

– интерпретација на работите како што ви одговара;

– проблеми во комуникација;

– неизвршување на работата;

– конфликти и ред други непријатни ситуации.

И сето тоа затоа што работите на крајот не биле дефинирани како што треба.

Некои од алатките што ви се потребни, за да ги дефинирате работите се:

– Забелешки – при секој состанок, прво дефинирајте кој ќе води записник, а најдобро ќе биде и самите вие да си запишувате некои важни работи.

– Записник – после секој разговор или состанок, некој ќе треба да направи записник од тоа што сте го разговарале.

– Споделување – сè што е запишано, треба да биде споделено со сите кои биле присутни на состанокот или разговорот, за да може да се знае што било договорено.

– Сумирање – доколку никој од присутните не води записник или запишува, убаво би било состанокот или разговорот на крај да го сумирате со истакнување на важните работите!

– Потсетник – доколку сте во можност, испратете до сите потсетник за работите што треба да се направат или сте ги договориле.

Секако, има уште многу работи што можете и треба да ги правите после секој состанок или разговор, но најважно е да не останат работите недефинирани. Со користење на некои од алатките, кои ви ги наведов или не ги наведов, можеби уште во самиот старт ќе разберете дека тотално различно сте се разбрале или исто размислувате. Доколку сте се разбрале тотално различно, подобро порано да сфатите отколку после долг временски период.

Без оглед на исходот на состанокот, немојте да ги оставите работите недефинирани или непрецизирани. Последиците што може да се случат, после тоа, можат да бидат контрапродуктивни. Затоа, почнете уште денес да ги дефинирате работите.

Со успех во промените.