Дегустација на Вранец веритас на винарија Стоби во Холандија

48

Во соработка со Македонската амбасада во Кралството Холандија, Винарија Стоби претстави свои 13 сорти на вино на Саемот Персвејн во Хаг, меѓу кои и Вранец веритас што беше дел од специјалната дегустација за Мастерклас.

“Винарија Стоби од своето постоење, па до денес, се движи во насока на презентирање на своите вина, а со тоа и на македонското вино, на странските пазари. Овој пат, го издвоивме Вранец веритас одлежано во барик како врвно премиум вино за претставување пред потрошувачите и потенцијалните дистрибутери”, изјави Јадранка Клариќ Кимовска, комерцијален директор на Винарија Стоби.

Овој настан е поддржан од Македонската амбасада во Холандија, а наменет за презентација на македонското вино во кралството. Додека трае саемот вината ќе бидат изложени пред потрошувачите, љубителите на вино, но и пред увозниците, дистрибутерите и претставниците од ХоРеКа сегментот во Холандија.

Вранец веритас, кој беше дел од специјалната дегустација Мастерклас на саемот во Хаг, е вино од бербата октомври 2011. Грозјето користено за производство на ова вино е од сопствените лозови насади на винаријата стари повеќе од 30 години, во Вардарското  виногорје. Ова вино е одлежано во дабови буриња во барикот на Винаријата Стоби. Покрај специјалната дегустација на Вранец веритас на настанот во Хаг беа претставени и други 13 сорти од Винарија Стоби меѓу кои Пино ноар, Мерло, Кабарне сувињон, Аминта, Вранец, Шардоне барик, Стоби куве, Мускат отонел, Ркацители, Ризлинг, Жилавка и Розе алегро.

Покрај Винарија Стоби на Персвејн во Хаг учествува и уште 10 други винарии од Македонија.

По настанот во Хаг, Винарија Стоби го презентира Вранец Веритас во Варшава, Полска.