Деловната клима во Германија се подобри во февруари

32

Деловната клима во Германија, според проценките на водечките луѓе на компаниите, значително се подобри во февруари, покажува последното истражување на институтот IFO (Institute for Economic Research) во Минхен.

Индексот на деловната клима, пресметан од IFO, се искачи на 92,4 поени во февруари од ревидираното јануарско ниво од 90,3 поени.

Директорите на германските компании не само што поповолно ја оценија моменталната деловна состојба во нивните компании, туку и значително е намален нивниот песимизам во однос на очекувањата за следните месеци.

Имено, индексот на IFO за моменталната деловна состојба во германските компании порасна од 89,2 поени во јануари на 90,6 поени во февруари, додека индексот на деловни очекувања за следните шест месеци скокна на 94,2 поени од 91,5 поени минатиот месец.

Најголем скок на деловното расположение е забележан во производствениот сектор, каде индексот се искачи на највисоко ниво од ноември 2018 година, а раст на оптимизмот, иако поумерен, беше забележан и во секторите услуги, трговија и градежништво.

Минатиот месец, германската влада ја намали прогнозата за раст на БДП на 3% за 2021 година, во споредба со проекцијата од 4,4% дадена минатата година.

Фото: Pixabay