Деловната клима во Германија се влоши во мај

61

Деловната клима во Германија се влоши во мај за прв пат по седум месеци, објави институтот „Ифо“, наведувајќи го изразениот песимизам во индустријата.

Индексот на деловната клима падна во мај за 1,7 поени во однос на април, на 91,7 поени, по шест месеци последователен раст.

Германската економија само ја држи главата над вода и би можела да стагнира во вториот квартал, рече економистот на „Ифо“, Клаус Вохрабе, коментирајќи го извештајот.

Двете компоненти на индексот се влошија во мај, покажувајќи значително поголем песимизам на лидерите во прогнозите за следните шест месеци и малку полоши оценки за актуелната состојба.

„Германските компании се скептични за претстојното лето“, рече претседателот на „Ифо“, Клеменс Фуест.

Индексот на очекувањата на менаџерите падна за цели 3,1 поен, на 88,6 поени.

„Индустриските очекувања драматично се влошија“, рече Волербе, мислејќи на најголемиот пад на очекувањата за производство од март 2022 година, почетокот на руската инвазија на Украина.

Очекувањата за извозот, исто така, значително се влошија бидејќи каматните стапки се чини дека ја намалуваат побарувачката, додаде тој.

На страната на понудата, ситуацијата се подобрува, бидејќи тесните грла во снабдувањето се дополнително ублажени, рече Волербе.

Тој ги издвои и позитивните знаци за инфлација со оглед на тоа што се помалку компании планираат да ги зголемат цените.