Деловната култура е клучна за успехот на компанијата

114

korporacija

Фото: Pixabay

Деловната етика, доколку се практикува во целокупното работење, станува камен темел на културата на самата фирма и може да биде одлучувачка за успехот или неуспехот во бизнисот. Деловната етика подразбира меѓучовечки односи во деловното опкружување, кодекси на однесување, создавање на имиџ на деловните луѓе и нивното организирање во единствен систем од кој во многу зависи успешното работење.

Деловната етика и култура е однесување што секоја организација треба да го применува во сите сфери на работењето. На тој начин се создава пријатна и професионална атмосфера меѓу вработените, која потоа се пренесува на односите меѓу компанијата и нејзините деловни партнери.

Што треба да се подразбира под деловна култура?

Почитување на хиерархијата

Значаен елемент на деловната етика е почитувањето на хиерархијата. Односот кон претпоставените треба да биде изграден врз почитување и доверба и секогаш да можете да се консултирате со шефот за работата или за некаква ситуација.

Состаноци

Професионалната култура налага лицето што го свикува состанокот однапред да биде подготвено за темите на кои ќе се зборува. Недоаѓањето на претходно договорен состанок е недозволиво. Доколку една од страните е спречена од некоја причина да присуствува на состанокот, тоа треба на време да и го соопшти на другата страна. Доцнењето е уште една работа која никако не треба да биде навика. Во некои култури, на пример во Јапонија, доцнењето е навреда. Со доаѓањето последен на состанок не се покажува моќ, се покажува некултура. Ова особено важи за Балканот, каде таканареченото академско доцнење од 15 минути е прифатено како нормално, но тоа го нема никаде на друго место во светот.

Внимавајте како ги закажувате состаноците и роковите за исполнување на обврските. Менаџирањето со времето многу влијае врз впечатокот што го оставате.

Ако треба да бирате помеѓу соработник кој е секогаш точен, почитува рокови и си ги извршува обврските на време и некој кој доцни, се извлекува и има милион изговори за тоа, кого ќе го изберете?

Тимска работа

Тимската работа е она на што се инсистира, затоа што протокот на информации, консултирањето со колегите и заедничко решавање на евентуални проблеми, обезбедува покривање на сите сфери на работењето на одредена компанија и спречува појава на пропусти.

Во исто време, секој поединец во фирмата треба да сноси одговорност за своите постапки и да го работи делот за кој е надлежен.

Приватно и професионално

Културата на однесување што поединецот ја поседува во приватниот живот, ја пренесува и во деловното опкружување. Ако сте дома професионални, ќе бидете и на работа професионални.
Колегите во текот на работната недела минуваат многу време заедно, па запознаени се со приватните животи едни на други. Не е реткост да остварат пријателски однос и да се дружат и приватно.

Облека

Многу важен дел во деловната етика е дрес кодот, односно облекувањето на вработените. Во некои организации, на пример во банките, вработените имаат униформи по кои се препознатливи, но сепак, во повеќето компании вработените треба да бидат облечени пристојно, ненападно и да оставаат впечаток на професионалци и на луѓе кои сериозно и пристапуваат на работата.