Фото: Pixabay
Да бидеш победник не значи да бидеш директор, туку да си ја сакаш работата и да уживаш во неа!
Гледајќи ги своите родители каков однос имаат кон работата, колку се жалат или колку уживаат во истата, детето го формира и своето животно, деловно сценарио. На ниво на несвесен план, тоа сценарио го води понатаму во изборот на професија, во одлуките што ги носи на работното место и во задоволство од сопствениот успех.
Кога ќе поставиме некоја цел и одбереме стратегија како да ја постигнеме истата, една од најважните работи е да уживаме додека ја реализираме. Најкраткиот пат не секогаш ни носи задоволство. Можеби токму тој има најмногу пречки кои тешко се поминуваат. Најбрзо, но најмакотрпно ќе ја постигнеме целта или можеби ќе се откажеме во меѓувреме. Подолгиот пат ќе ни овозможи добра проценка и помалку фрустрација. Некогаш, едноставно, не поставуваме цели туку оставаме другите да го сторат тоа.
Во деловното сценарио може да бидеме победници, губитници или баналци.
Победничкото сценарио е конструктивно за личноста. Уживањето е присутно додека се реализира целта, но и во успехот постигнат на крај. Патот по кој чекори победникот е лесен и исполнет со задоволство. Успешно го постигнува тоа што го замислил, без разлика дали истото е поврзано со степенот на напредок, со постигнување на материјални добра или со статусот. Најважно е дека е среќен и неговата одлука се реализира.
Познавам многу луѓе со победничко деловно сценарио. Дел од нив се службеници, не многу богати, но среќни луѓе на кои никогаш не им било важно да заработат многу пари. Друг дел се прилично богати, го уживаат секој денар заработен во опуштена средина и чувствуваат задоволство во тоа. И осамениот сликар може да е победник доколку тоа го посакувал…
Сценариото во кое работникот не ги постигнува своите цели е губитничко. Деструктивно. Некогаш може и да се случи да стигне до крајот, но се чувствува истрошен и без сила за да се израдува. Самото постигнување не е толку важно колку што е важен степенот на задоволство кој се чувствува за време на постигнувањата.
Исто така познавам и луѓе кои имаат губитничко деловно сценарио. За сите е карактеристично што имаат поставено некаков услов за да бидат среќни: “Кога ќе го разработам бизнисот…”. Но, забораваат дека можат да уживаат и во самото “разработување”.
Третиот вид на сценарио е тоа кое не ни носи ниту победа, ниту пораз. Се нарекува банално сценарио и е крајно здодевно. Работникот со ваков несвесен план не презема ризици, се плаши од губиток и чека прилика за да победи, но таквата прилика можно е никогаш да не се појави. Чекањето најчесто трае цел работен живот и токму така го потврдуваат своето банално деловно сценарио, велејќи: “Немаше прилика за повеќе”.
Најмногу познавам “баналци”. Тие се просечни и добро се адаптирани во работната средина. Напорно работат и нив најмногу ги сакаат победниците бидејќи не им ја загрозуваат позицијата, пасивни се во поглед на поставување повисоки цели и немаат храброст да носат сопствени одлуки.
Доколку се пронајдовте во некое од погоре опишаните сценарија, се зголеми нивото на вашата свесност во поглед на професионалното функционирање. Тоа е најважниот предуслов за да се направи промена. Свесноста за губитничкото или баналното сценарио ни помага да ги побараме “победниците” во околината и да направиме анализа како тие го постигнуваат тоа. Не велам дека е лесно, но велам дека е остварливо да преминеме од едно на друго поле. Пред сė потребни се нови одлуки, нови вештини и ново учење. Сите овие фактори ќе бидат победнички насочени ако се избрани со полна свесност и прецизно поставени цели.
Во кратки црти:
Професионалното животно сценарио е несвесен план направен во детството кој личноста има впечаток дека “мора” да го следи. Ваквиот план може да биде победнички, губитнички или банален. Разликата е во доживувањата на задоволство и среќа додека ги остваруваме сопствените поставени цели. Без разлика дали целите ќе ги реализираме, важно е каква поука ќе понесеме со себе и каква цел ќе поставиме следниот пат. Уживањето во работата е основен показател дека сме победници. Секоја индивидуа има свои лични критериуми за среќа, па затоа оваа психолошка теорија треба да ја разбереме релативно и да ги пронајдеме нашите вистински, внатрешни доживувања за успех.