Деловното опкружување во Германија е најлошо од пролетта 2020 година

84

Деловното опкружување во Германија значително се влоши во септември и е најлошо од пролетта на пандемијата 2020 година, според редовното месечно истражување на институтот Ifo.

Индексот на деловната клима на Институтот Ifo во септември падна за 4,3 поени во однос на август, на 84,3 поени, што е најниска вредност од мај 2020 година, пренесува агенцијата Мина.

Во просек, експертите очекуваа поблаг пад, на околу 87 поени.

„Германската економија се лизга во рецесија“, рече претседателот на Институтот Ifo, Клеменс Фуест, коментирајќи ги резултатите од последното месечно истражување спроведено меѓу менаџерите на приближно 9.000 компании.

Учесниците во истражувањето ги оценуваат и нивната моментална ситуација и идните економски трендови како полоши. Испитаниците од сите сектори вклучени во истражувањето – индустрија, услуги, малопродажба и градежништво, оценија дека изгледите се полоши отколку во август.

Германската економија е погодена од голем број фактори, меѓу кои војната во Украина, енергетската криза, проблемите во глобалната трговија и зголемените каматни стапки, што ги поскапи кредитите и инвестициите.

„Пандемијата останува важен фактор“, истакна институтот.