Денеска сè е во пад, од берзата и нафтата до пченицата

Европските берзански индекси денеска се во пад, како и цените на нафтата, златото и пченицата, бидејќи пазарите се подготвуваат за една недела во која ќе бидат објавени одлуките за каматните стапки во еврозоната и САД, како и извештаите за заработката на некои од најголемите светски компании.

Во четврток Евростат ќе ги објави најновите податоци за економскиот раст во еврозоната и нејзините клучни економии Германија и Франција, а Европската централна банка ќе донесе одлука за натамошната монетарна политика.

Американската централна банка, ФЕД, ќе ја објави својата одлука за каматната стапка во среда, а компаниите како Мета, Мајкрософт и Тесла ќе ги пријават своите приходи, додека Apple ќе ги објави деловните резултати во четврток, пренесува CNBC.

Индексот на Франкфуртската берза DAX во 9:30 часот падна на 21.173,52 поени, британскиот FTSE 100 на 8.470,75 поени, францускиот CAC 40 на 7.855,40 поени, а московскиот MOEX на 2.928,43 поени.

Вредноста на американскиот берзански индекс Дау Џонс падна на 44.424,25 поени пред денешното отворање на берзите во САД, вредноста на индексот Nasdaq падна на 19.954,30 поени, додека индексот S&P 500 се искачи на 6.101,24 поени.

Цената на американската сурова нафта WTI падна на 74,365 долари, а на европскиот брент на 78,242 долари.

Европските фјучерси за гас за февруари се тргуваа по 48,695 евра за мегават-час на отворањето на берзата ICE за холандскиот центар ТТФ.

Цената на златото падна на 2.752,18 долари за фина унца, а цената на пченицата на трговскиот одбор во Чикаго падна на 5.3909 долари за бушел (27.216 кг).

Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Forex изнесува 1,04365, што е за 0,34 отсто помалку од петокот.