Денот кога Бил Гејтс го претстави Windows и го промени светот

137

На 10 ноември, 1983 година Бил Гејтс и „Microsoft“ на светот првпат му го прикажаа „Windows“ оперативниот систем.

Иако не бил објавен до 20 ноември 1985 година, „Microsoft“, „Windows 1.0“ оперативниот систем првпат го прикажа на 10 ноември 1983 година.

Оригиналното име за „Windows“ во тоа време било „Interface Manager“, но тоа подоцна било сменето. За името на софтверот заслужен е Роналд Хенсон, маркетинг гуру на „Microsoft“ којшто го убедил Гејтс името на оперативниот систем да го сменат во „Windows“.

Во тоа време пазарот на софтвери бил конкурентен и вклучувал платформи како што се „Apple Lisa“, „Xerox Star“, „VisiCotp VisiOn“, „IBM Top View“ и други.

Не било сигурно дека „Microsoft“ ќе биде успешен со своите тогашни постапки затоа што постоеле голем број на конкурентни алтернативи.

Гејтс тогаш најавил дека „Windows“ ќе има паѓачки менија, поддршка за маус и можности за користење на неколку апликации истовремено, како и бројни други функции.

Се сметало дека „Windows“ ќе има најголема веројатност да оствари успех од сите споменати платформи, но во тоа време немало гаранции дека тоа ќе стане реалност.

Две години подоцна, првата верзија на „Windows“ станала официјална, комерцијално објавена на 20 ноември 1985 година по што се испишала историја во индустријата на софтвери и светот на информациски технологии.

„Windows“ во текот на годините добивал бројни ажурирања и верзии. Моментално сме на „Windows 11“ верзијата, а оперативниот систем се наоѓа на милијарди уреди на корисниците ширум светот.